Австриски градежни компании бараат македонски партнери

Австриски компании од градежништвото, патната и железничката инфраструктура во ноември  доаѓаат во Македонија со цел изнаоѓање потенцијални партнери и воспоставување долгорочна соработка.

Како што денеска најави Герхард Шлатл, трговско аташе при Амбасадата на Австрија, токму овие сектори се детектирани како дел од приоритетните за Македонија. Притоа, соработката нема да се ограничи само на проекти поддржани од ЕУ, како што се коридорите 8 и 10, туку напротив, ќе се прошири и на други, поддржани од финансиски институции како Светска банка.

– Со оглед дека моментно е актуелен ИПА 2 фондот концентриран на градежништвото и инфраструктурата, нашата цел е да донесеме австриски фирми кои ќе се обидат да ги пренесат своите технологија и знаење во Македонија. Работите тука се подобруваат, македонските компании покажуваат се поголем интерес и потреба за софистицирана технологија, истакнал Шлатл на прес-конференција во Стопанската комора.

Австриските компании кои главно бараат дистрибутери, фирми за сервис или соработници со кои заедно би учествувале на локални тендери, досега 50 отсто успеале да најдат долгорочни партнери во Македонија, пред се, во делот на индустријата за храна и екологијата.

– Македонија е мал пазар на кој добрите фирми веднаш се детектираат. Нашата цел е да создадеме платформа преку која потенцијалните партнери ќе можат да се сретнат, а натамошната соработка зависи од нив. Се фокусираме на дела, не на зборови, напоменал Шлатл.

На 6 и 7 ноември во Виена ќе има бизнис форум, најави тој, кои ќе имаат панел дискусии на три теми: „прехранбена индустрија“, „грантови од ЕУ“ и „двојно образование“ – систем што го негуваат Австрија и Германија, а подразбира можност младите во текот на своето образование да посетуваат компании и таму да добијат практични знаења за областа во која се квалификуваат. Програмата ќе ја креираат учесниците, преку интернет, на веб-страницата на форумот.

– Ваквите активности се во насока на уште поголема соработка зашто никогаш не можеме да кажеме дека е доста. Секогаш може повеќе и подобро. Обемот на трговија меѓу двете земји е се уште мал, но бележи континуиран раст и тоа е добро, посочи Шлатл, подвлекувајќи дека повеќе настани може да резултираат со повеќе инвестиции.

Австрија последните пет години го држи приматот на втор по ред инвеститор во Македонија.

– Од 1997 до 2013 година вложувањата се 484,3 милиони евра, факт кој дополнително стимулира политиките да се креираат во насока на барањата и на македонските и на австриските стопанственици. Најголемите капитални инвестиции биле во 2011 година, вкупно 64,42 милиона долари, изјавила Наташа Димеска Стојаноска, директор на Дирекцијата за регионални комори при Стопанската комора.

Оваа година ќе заврши со реализирани пет бизнис настани меѓу двете земји.