Австриски компании сериозно заинтересирани да инвестираат во Македонија

Австриските компании, кои се запознаа со можностите и предностите за правење бизнис во Македонија, сериозно размислуваат да инвестираат во земјава. На бизнис форумот одржан во Виена изразија позитивни оценки за македонската бизнис клима, јави известувачот на МИА.

„Во Македонија гледаме можност за пристап до голем пазар. Сакаме да ја развиеме и прошириме компанијата од ЈИЕ во светски снабдувач на нашите производи. За да го оствариме тоа потребни се одредени инвестиции во неа. Се надевам дека нашите бизнис-планови ќе се остварат, дека ќе инвестираме, ќе вработиме луѓе, ќе изградиме потребни капацитети“, изјави Манфред Рајснер од „Кнор Бренсе“ компанија која изработува сопирачки за возови.

Тој информира дека  неодамна отвориле компанија во Скопје „Ека“ која се занимава со тестирање на сопирачки на возови и нивна продажба и оти таа ќе стане целосно оперативна од 1 март.

Изрази задоволство што слушнале за мерките што ги презема македонската Влада, а што ќе биде од корист за реализација на нивните бизнис планови за инвестирање.

Рајснер истакна дека нивната компанија вработува 20.000 луѓе и има обрт од четири милијарди евра. Седиштето на компанијата е во Германија, а делот во Австрија е одговорен за Источна и Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија.

Интерес за инвестирање во Македонија изрази и Сабина Кидс од компанијата Алса. Таа рече дека нивната компанија го проучува македонскиот пазар неколку години и смета дека нуди многу добри услови и можности за странските инвеститори.

„Има многу лесни процедури за отворање и водење бизнис. Во земјата ги има и сите потребни експерти кои ни се неопходни за формирање на компанијата, за нејзино водење и финансиска поддршка. Многу сме задоволни од условите што ги нуди Македонија во кои и лично се уверивме“, изјави Кидс.

Таа додаде дека Македонија нуди многу поволен даночен пакет во споредба со другите земји, особено во однос на оданочувањето на добивката која во моментов е нула проценти ако не се дели дивиденда. Според неа, ова за нив како компанија е многу атрактивен и поволен услов и планираат да инвестираат во Македонија.