Австриски компании заинтересирани за деловни партнери во Македонија

Осум австриски компании од електрометалната, кондиторската, месната и конзервната индустрија, производството на расветни тела, медицински апарати, турбини, проектирањето и монтажата на мали хидроелектрани се заинтересирани за продлабочување на соработката со македонски компании и пронаоѓање на дистрибутери на нивните производи.

На бизнис форум во Скопје, организиран од Стопанската комора на Македонија во соработка со Трговското одделение на Амбасадата на Австрија и Стопанската комора на Австрија, планирано е да одржат билатерални средби со 35 македонски компании од повеќе сектори.

– Се надевам дека денешниот бизнис форум ќе резултира со конкренти деловни соработки. Анализите што ги правиме укажуваат дека се уште постои можност за унапредување на соработката меѓу нашите две економии, особено во земјоделско-прехранбениот сектор, животната средина, обновливите извори на енергија, автомобилската и текстилната индустрија, туризмот и инфраструктурата. Нашите идни настани кои ќе следат ќе бидат насочени кон секторско поврзување на македонските и австриските компании, изјави Наташа Стојаноска од Стопанската комора на Македонија пред почетокот на бизнис форумот.

Таа посочи дека лани имаше пет успешно организирани бизнис средби меѓу македонски и австриски компаниии од кои три се одржаа во Македонија, а две во Австрија. Од нив, нагласи, веќе произлегле конкретни договори.

– Ние сме тука за да ги унапредиме бизнис релациите и да им помогнеме на компаниите, но сепак крајните одлуки ги носат сами според поволностите што ги нудат земјите за развој на бизнисот, рече Стојаноска.

Герхард Шлатл, трговското аташе во Амбасадата на Австрија во Македонија и претставник на Стопанската комора на Австрија рече дека годинава во март во Скопје веќе се одржа бизнис форум за туризам, а како што најави на 10 и 11 јуни во Виена ќе се одржи деловна средба за градежништво и градење паметни градови, на почетокот на октомври ќе биде Дунавската регионална средба, а на 10 октомври Специјален саем и форум за храна.

– Австрија е втор најголем инвеститор во Македонија, но секогаш има можност за зголемување на соработката. Токму поради тоа на бизнис форумот во Скопје се присутни фирми од Австрија кои се заинтересирани за изнаоѓање дистрибутери, увозници и извозници на нивните производи, рече Шлатл.

Надворешно-трговската размена меѓу Македонија и Австрија лани изнесувала 194,2 милиони американски долари што претставува раст од 2 отсто во споредба со 2013 година, со што е 15. трговски партнер на земјава. Од нив 50,7 милиони долари или за 8 отсто повеќе од претходната година се извоз од Македонија во Австрија, додека увозот изнесува 143,5 милиони долари.