Крими хроника

Автобус излетал од пат кај Желино, шестмина повредени

Автобус излетал од пат кај Желино, шестмина повредени

Утрово околу 7.30 часот, гостиварски автобус излетал од коловозната лента на автопатот Скопје – Тетово близу Желино. Загинати во сообраќајната несреќа нема, полесно се повредени пет патници и возачот на автобусот, 53 годишниот гостиварец Ќ.А. Во близината на денешната несреќа, вчера имало две сообраќајки, пишува порталот „Плусинфо“.

Сообраќајната несреќа се случила во близина на наплатната рампа кај Желино, на одалеченост од 700 метри од патарината.

„Автобусот сообраќал на автопатот Скопје – Тетово, кога излетал од коловозната лента и завршил во земјен насип. Тројца патници од Тетово и двајца од Скопје се полесно повредени и заедно со возачот на автобусот се префрлени во тетовскиот Клинички центар“ – изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Повредените патници биле пуштени на домашно лекување, а возачот бил задржан во болница, но е со лесни повреди, велат од полицијата. Освен искршеното ветробранско стакло на автобусот, друга материјална штета нема.