Автобус падна во кањон во Индија, загинаа 27 деца

Најмалку 30 лица, од кои 27 се деца, загинаа во понеделникот кога училишен автобус паднал во кањон во планински дел на Индија, соопштија властите.

Повеќето од патниците биле деца помлади од 10 години, потврди полицијата. Во оваа несреќа во северната сојузна држава Химачал Прадеш, загинале и возачот на автобусот и двајца учители,

„Автобусот се урнал во 61 метар длабокиот кањон, при што загинале 27 деца, двајца учители и возачот“, потврдил за новинарите полицискиот службеник Сантош Патјал.

Несреќата се случила на околу 325 километри од Шимла, главен град на сојузната држава. Автобусот превезувал околу 40 ученици од училиштето „Вазир Рам Сингх Патанија“ од градот Нурпур во округот Кангра.

Според очевидци, автобусот се излизгал од планинскиот пат во кривина, Службата за спасување се обидува да дојде до останатите патници кои може да се пригмечени во остатоците од автобусот.

Сообраќајните несреќи во Индија се многу чести, поради дотраената и лошо одржувана патна инфраструктура, како и поради лошо обучените возачи и непочитувањето на прописите во сообраќајот. Повеќе од 150.000 луѓе секоја година ги губат животите на патиштата ширум Индија. Животите често се губат во далечните, планински северни региони на Индија, каде што тесните патишта ги пресекуваат патеките во стрмните Хималајски подножја.

Минатиот месец март, камион кој превезувал свадбари се урна од мостот во западна Индија, при што загинаа 30 лица, главно жени и деца. Девет деца загинаа во февруари, кога возило влета во нив надвор од нивното училиште. Уште 32 лица загинаа кон крајот на ланскиот декември, кога нивниот автобус се преврте од мостот во речно корито во државата Раџастан. Минатиот јули, автобус се урна од карпа околу 100 километри од Шимла, популарно туристичко место, однесувајќи 28 животи. Само една седмица порано, 16 верници загинаа во автобуска несреќа во соседната сојузна држава Џаму и Кашмир. Во април минатата година, 44 лица загинаа во слична несреќа во Химачал Прадеш.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.