Автобусите ќе возат бесплатно ако воздухот е многу загаден

Во услови на висока концентрација на загадувачки супстанции во воздухот, Градот оваа зима  планира да преземе повеќе превентивни мерки, како воведување на пар-непар,  бесплатен јавен превоз како и апликација на калциум – магнезиум – ацетат на сообраќајниците, заради контрола и намалување на ситната прашина ПМ10 и ПМ2,5 честичките.

Се предвидуваат и зајакнати инспекциски надзори од страна на Секторот Инспекторат на Град Скопје, како и редовни контроли на градилиштата во однос на излегувањето на товарните возила со валкани тркала и покривање на камионите се церади. Секојдневно ќе се чистат  и мијат улиците, особено околу градилиштата.

Дотур на роба ќе се врши најдоцна до 10  часот, а ќе се воспостави и посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила, кои ќе мора да ја користат заобиколницата доколку нивната крајна дестинација не е градот. Се панира да се воведе посебен сообраќаен режим и можност да е воведе пар-непар или пренасочување на сообраќајот по споредни улици избегнувајќи го централното градско подрачје.

Бесплатен автобуски превоз би се земал превид доколку 10 дена континуирано концентрацијата на ПМ10 е над 100 микрограми/м3.

За предвидените мерки и активности на градската власт во насока на подобрување на амбиентниот воздух во Скопје, советниците ќе расправаат на престојната седница на Совет, што треба да се одржи в четврток.