Автомобили потпалува кој стигне, полицијата никого не уапсила

Политичари, судии, новинари, бизнисмени… Долга е листата на граѓани на кои во изминативе години им биле запалени автомобилите, а списокот со уапсените потпалувачи, пак, е многу краток. Речиси и да нема никој во полицискиот билтен, во кој освен за опожарените возила, се објавуваат и информациии за откриени потпалувачи на истите.

Според последните информации од МВР, од јуни лани до март годинава во земјава биле регистрирани 181 случај на запалени возила, од кои за 46 било утврдено дека намерно биле опожарени. Најголем дел од нив биле запалени на подрачјето на СВР Скопје- 35, потоа четири на подрачје на СВР Битола, а по два случаи во СВР Охрид и СВР Струмица и по еден случај во СВР Велес, СВР Куманово и СВР Штип.

На територијата на СВР Тетово, во наведениот период нема регистрирано случаи на намерно запалени возила. Но тетовската полиција во април лани открила потпалувач од Тетово, кој му го запалил возилото на свој сограѓанин поради претходни недоразбирања и расправии.
Тогаш В.С. (29) доби кривична пријава за предизвикување општа опасност бидејќи со мала боца со гас го запалил десното тркало од автомобилот „фолсваген“ на К.С.(34) по што пожарот се проширил и на останатиот дел од возилото.

Оваа е последна информација во билтените на МВР во изминативе две години која се однесува на откриени потпалувачи на автомобили. Од МВР не добивме информација дали во изминативе десет месеци, од кога е последната статистика, е фатено некое лице кое потпалило нечив автомобил.

Според извори во МВР, нема да згрешиме ако напишеме дека полицијата не открила никого, а ако и евентуално бил реализиран некој случај, бројот на уапсени потпалувачи е минорен па поради срам надлежните избегнуваат да дадат било каква информација во врска со овие реализации. Полицијата не може да ги најде ниту потпалувачите на претседател на су во еден од градовите на кој возилото му било палено неколку пати.

Во откривање на сторителите полицијата реално се соочува со проблем бидејќи оштетените не сакаат да соработуваат со инспекторите во откривање на мотивите, бидејќи најчесто станува збор за долгови или слични ннедоразбирања.

Во изминативе десет месеци бил опожарен и џипот „БМВ 5“ на таткото на Боки 13. Непознато лице со бензин го полеало возилото пред куќата на Јовановски во Тафталиџе во октомври лани и го запалил.
Во февруари годинава настрада и автомобилот „сузуки сфивт“ на новинарот и раководител на порталот „Публикум“ од Прилеп, Зоран Милошески, Автомобилот му бил запален во неговата гаража.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.