Автопатот Демир Капија-Смоквица во финална фаза

Капиталната градба, автопатот Демир Капија Смоквица е во финална фаза. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски остварија увид во изградбата на автопатот каде градежните активности се во тек. Импресивна градба која го покажува инфраструктурниот зафат сведочи за капиталната инвестиција.

Осумдесет и пет проценти од градежните работи на автопатот Демир Капија – Смоквица се завршени, а официјалното пуштање во употреба на овој автопат е планирано за мај идната година.

-Значи 85 проценти од работите на овој автопат се готови. До Нова година се што е поврзано со асфалтот и банкините ќе биде готово, отанува после тоа електрификацијата во тунелите и мостовите. Во мај ќе се пушти за сообраќај официјално, истакна Груевски.

-Највисоки мостови на автопат се во Македонија, вели Мисајловски.

220 милиони евра се инвестираат за автопатот кој вклучува и дополнителни работи надвор од проектот со што Македонија ќе добие една од најсовремените автопатски делници.

Новата автопатска траса поминува низ ридест дел и е незабележителен за минувачите, но таму градежните работи се во полн ек. Освен изградбата на оваа, Груевски и Мисајловски најавија рехабилитација на делницата Неготино – Демир Капија која следи наредниот месец за што ќе се инвестираат 5 милиони евра, а истата ќе се заврши за 18 месеци.

-Неготино- Демир Капија идниот месец ќе го почнеме со работа, тоа е најоштетениот дел. Осум километри, во двата правца околу 16 километри. Веќе распишан тендер, потпишан договор, сообраќаен режим и следниов месец почнуваме со работа. Ќе чини околу 5 милиони евра, посочи министерот за транспорт и врски.

Се инвестира и во рехабилитација на автопатот Смоквица – Гевгелија во должина од 10 километри за што се инвестираат над 4 милиони евра.

Се гради и автопатската делница од Куманово кон Скопје,  а патиштата Мокрино Смолари и Дојран Николиќ се готови и се ставени во функција.

-И од Куманово кон Скопје и тој се рехабилитира по едната коловозна лента. За другата коловозна лента ја почнуваме нова постапка за да потпишеме договор, објасни Мисајловски.