Автостоп.мк – нов економичен начин на превоз во Македонија

Во пресрет на новата летна сезона, од денес во Македонија ви се нуди можност за нов економичен начин на патување. Се што треба е да се регистрирате на порталот Автостоп.мк и да ги споделите трошоците за патувањето со луѓето што веќе решиле да патуваат во истиот правец каде што одите и вие.

Давид Цуклевски
Давид Цуклевски

Зад овој нов проект во Македонија стои Давид Цуклевски и двајца други ентузијасти. Давид и стана познат на македонската јавност пред неколку недели преку текстот што го објавивме за него. Имено тој е Македонец по потекло, кој е роден и се образувал во Франција на престижниот Универзитет Сорбона, но, ете одлучил да се врати во татковината и тука да развива нова дејност од областа на економијата на општествено споделување (Social Sharing Economy).

Како што претходно и ни вети, Давид повторно во разговор за Нетпрес ги откри деталите за тоа на кој начин и како ќе функционира проектот Автостоп.мк.

Тој ни појасни дека Автостоп.мк е веб портал на кој патниците и оние што веќе имаат потреба да патуваат со сопствен автомобил ќе може да се договараат за патување на сите дестинации низ Македонија, како и надвор од Македонија. Добрата вест е што нема да бидат изложени на дополнителни трошоци, а ќе ги споделат само тековните трошоци за патувањето со останатите патници со кои што ќе се затекнат во истиот автомобил. Се на се, во ќар се сите: и тие што мора да патуваат со сопствено возило, затоа што ќе може да ги поделат трошоците, но и оние што сакаат да стигнат до истата дестинација на мошне поекономичен начин од традиционалните видови превоз во земјава.

Тој вели дека постои голема разлика помеѓу такси превозот и овој начин на патување, затоа што прво, тука не се работи за никаков профит, туку само за споделување на трошоците за патувањето, што уредно преку логаритам ќе бидат пресметани на самиот веб портал. Дополнително, податоците за пресметка на цената на трошоците ќе бидат ажурирани со секоја промена на цената на горивата во Македонија.

Која е разликата помеѓу Убер таксистите и овој начин на патување? Прво, кога се возиш со Убер, треба да платиш процент, потоа кај Убер имате еден човек кому тоа му е работата и кој што нема план да вози и за вас ќе направи услуга да ве вози за одреден надомест. Кога станува збор за нашата апликација клучната разлика е во тоа што вие веќе имате во план да одите таму, на таа дестинација и не ви е во план да тргнете на пат па да најдете луѓе да им дадете повисока цена за да имате профит, единствена цел е само да се споделат трошоците, вели Давид.

avtostop-1

Се што е потребно за да патувате на овој нов и економичен начин е да се регистрирате на порталот. Давид појаснува дека нема да има никаква селекција на превозниците во однос на моделот на возилото, туку самите патници ќе одлучат дали сакаат да се возат со одреден автомобил и ќе може да се регистрираат за патувањето односно превозникот што ним повеќе им се допаѓа. Со цел да се зголеми довербата меѓу патниците, при регистрацијата на веб страната ќе биде побарана задолжително имеил адреса или Фејсбук профил и број на мобилен телефон на кој ќе добиете безбедносен код за да се логирате.

Освен тоа, оние што ќе се одлучат за ваков тип на патување ќе биде пожелно преку коментар да ги споделат сопствените искуства на порталот, со цел понатаму да дадат информации на идните заинтересирани лица и патници.

Целта е да ги привлечеме луѓето да ја користат страната и да увидат дека е мошне подостапна од Фејсбук, каде често има организации за патувања, но овој портал ќе биде многу подостапен, затоа што ќе биде наменет само за таа цел и затоа што ќе добиваат нови информации секојдневно, вели Давид.

Освен што потенцира дека користењето на оваа веб страна ќе биде бесплатно, тој откри и дека за првите 200 возачи што ќе се регистрираат ќе следи пријатно изненадување од Автостоп.мк. Овие лица ќе добијат вредносен ваучер, подарок со 500 денари за гориво и уште еден автентичен подарок, за кој Давид сакаше да остане мало изненадување. Како што рече, ако се исполнети сите услови, првите регистрирани членови на страната во период од две до три недели ќе го добијат вредносниот ваучер и подарокот на домашната адреса.

Единствен услов, како што вели, за да ја добијат наградата е да се регистрираат, да го реализираат патувањето. Максимални шанси да го добијат подарокот ќе имаат оние возачи што ќе објават коментар на веб страната и истиот да го споделат и на Фејсбук. Исто така објавениот превоз не треба да биде пократок од 40 километри.

Според нашите пресметки, на овој начин патувањето низ државава е мошне поекономично, затоа што не се плаќаат дополнителни такси и даноци, а во цената за споделување на трошоците се пресметани само основните давачки за гориво, за амортизација на возилото и за патарини. Цената не ја одредува возачот или тој што вози со неговиот автомобил, туку истата се пресметува преку логаритам на веб порталот.  За тоа како дошол до ваква идеја, Давид вели:

Овој начин на превоз мошне често го користам во Франција каде што е мошне развиен, а сосема иронично е тоа што таму патувањето е мошне поевтино, тука пак патувањето е многу поскапо, но овој начин на патување не е развиен, вели тој.

Според него, со развивањето на ваков тип услуга, од областа на економијата на општестевеното споделување бенефит ќе имаат првенствено граѓаните, што ќе имаат можност да патуваат поевтино и поекономично, но и државата.

Граѓаните имаат корист од тоа што ќе заштедат на гориво, но корист ќе има и државата. Македонија нема извоз, туку увоз на гориво. На овој начин ќе се заштеди на гориво, а кога штедиш имаш повеќе средства во буџетот што ќе може да се искористат за други капитални инвестиции. На ниво на човек тоа се мали, но на ниво на држава се големи суми што прават голема разлика, вели тој.

Покрај тоа, преку услугите на Автостоп.мк, ќе се намали и бројот на возилата што патуваат низ патиштата во Македонија, со што дополнително ќе се придонесе за намалување на гужвите, како и за заштитата на животната средина.

Со оглед на тоа што веќе најави дека оваа услуга ќе биде еден вид на „отскочна штица“ за понатамошно развивање на економијата од општествено споделување во Земјава, го прашавме што мисли, какви се можностите и дали Македонија би можела да биде „плодна почва“ за развој на вакви дејности.

Очекувам овој тип на економија да се развива тука многу повеќе отколку во ЕУ, затоа што тука БДП – то по глава на жител е многу помало, патувањето е многу поскапо, како и трошоците од другите услуги на економијата на општествено споделување, вели тој.

Инаку, како што ни откри Давид, на проектот Автостоп.мк се работело цели две години. Покрај основната веб страна, на корисниците ќе им биде достапна и апликација за паметен телефон, а се работи за т.н. респонсив дизајн.

За крај не ни остана многу да кажеме, освен да ве поканиме: Ако веќе сте одлучиле да патувате некаде низ земјава, а имате слободно место во автомобилот, регистрирајте се на страната Автостоп.мк и споделете ги трошоците со другите луѓе што сакаат да патуваат во истиот правец. Дополнително, имате можност и попатно да земете патници и исто така барем делумно да ги споделите трошоците. Тоа е и главната цел на овој портал, но и на економијата на општествено споделување!