Азард ќе добие нов договор од Абрамович

Белгискиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Еден Азард, откри дека нема да ја промени клупската средина за време на летниот преоден рок и додаде дека моментално преговара за нов договор.

“Едно е сигурно. Можам да гарантирам со 100% сигурност дека и во новата сезона ќе го носам дресот на Челзи. Нормално дека нема ништо сигурно кога е во прашање фудбалската игра, но јас имам договор со Челзи и не сакам никаква преселба од “Стемфорд Бриџ”. Моментално преговарам со раководните лица на Челзи, преговараме за нов договор. Челниците на Челзи ми понудија нов договор, а тоа е доказ дека веруваат во мене, веруваат во моите квалитети. До овој момент, не сум остварил никаков контакт со раководните лица на ПСЖ и не е точно дека сум добил понуда од францускиот клуб”, изјави Азард.

Во изминатата сезона, Еден одигра 55 натпревари во дресот на Челзи, постигна 18 погодоци и запиша 10 асистенции.