Азард: Мора да најдеме решение за Лионел Меси

Најголемата ѕвезда во репрезентативниот дрес на Белгија, Еден Азард е убеден дека неговиот тим сигурно ќе обезбеди пласман во полуфиналната рунда од Мундијалот во Бразил, доколку белгиските дефанзивци прво ја лимитираат играта и ефектот на најпознатиот репрезентативец во дресот на Аргентина, Лионел Меси.

„Ќе биде дуел помеѓу две добри репрезентации. Не знам како ќе заврши, но шансите за пласман во полуфиналната рунда се 50-50. Тие го имаат Меси, Игуаин, Лавеци, но и ние имаме добри фудбалери. Свесни сме дека најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси игра во нивниот тим. Точно дека е во фантастична форма и секогаш ја прави потребната разлика. Ќе ни биде многу полесно ако го сопреме Меси, ако ја лимитираме неговата игра. Не знам како ќе излезиме на крај со Меси, како ќе го сопреме, но не се плашиме од Меси, не се плашиме од Аргентина. Ова е можеби најважниот натпревар за оваа генерација, можеби најважниот натпревар во нашиот живот”, изјави фудбалерот на Челзи.