Азески и делегација на Стопанска комора во посета на Романија

Делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески е во работна посета на Романија. Посетата е во организација на амбасадорот на Република Македонија во Романија, д-р Панде Лазаревски и почесниот конзул на РМ во Романија, Аурелијан Гугулеску. При посетата остварени се состаноци со министерот за економија на Романија, Константин Ница и со претседателот на Комората за индустрија и трговија, Михаи Дарабан.

На средбите што ги имаше делегацијата на Стопанската комора на Македонија со своите домаќини се водеа разговори за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Романија во повеќе области, меѓу кои беа споменати градежништвото, металната и електроиндустријата, прехранбената, дрвната индустрија и текстилот. Постигната е и взаемна согласност во наредниот период да бидат потпишани и повеќе договори за соработка на регионалните комори од Романија и од Македонија. Истовремено, покрената е иницијатива за формирање на заедничка македонско-романска стопанска комора, за која се смета дека би дала импулс за зголемување на економската соработка меѓу двете земји.