Азески: Трговската размена со Косово е падната, јазот треба да се пополни

Стопанските комори на Македонија и Косово потпишаа меморандум за соработка за подигнување на нивото на економска размена, со акцент на подобрување на инфраструктурата, подобрување на меѓуграничните процедури и взаемно информирање на компаниите кое не е на задоволително ниво.

Во наредните шест месеци Стопанската комора на Македонија ќе испрати свој претставник во Приштина, а Стопанската комора на Косово свој претставник во Македонија за на компаниите да им помогнат да го зголемат нивото на размена на информации. Тоа ќе им помогне во подобро пласирање на производите на двата пазара.

„Заради блзината, заеднички ќе се потрудиме да одржуваме саемски манифестации кои ќе ја поттикнат нашата размена и размената со трети земји. Се наоѓаме ви фаза на добивање на неколку сериозни средства од ИПА фондовите, така што преземаме низа мерки од наш аспект кои можат тоа да го подобрат,“ изјави претседателот на Стопанската комора на Mакедонија, Бранко Азески.

Компаниите немаат сериозни забелешки во однос на поминувањето на границата со Косово, но има забелешки во однос на протокот на стоки заради неизградбата на автопатот.

„Она што ќе го побараме од Владите е подобрување на инфраструктурата спрема границата со Косово, односно од косовската страна спрема Македонија, гасификацијата која е важен фактор и која практично ги засега двете држави.Сите ги знаеме проблемите кои можат да настанат со ситуацијата со Украина и со изградбата на Јужниот тек. Ги нотиравме и проблемите како што е изградбата на интерконективниот далновод,“ додаде Азески.

Тој потенцираше дека сепак причината за слабата трговска размена ја гледа кај компаниите и коморите, бидејќи ниту компаниите ниту коморите направиле се што е потребно за соработката да се подигне на повисоко ниво.

„Ќе се изврши и притисок косовските производи полесно да стигнуваат на нашиот пазар. Сега сме во сериозен суфицит со косовската страна, мал е процентот на извозот од Косово во Македонија.Во однос на 2012, во 2013 трговската размена е падната за 38 отсто. Има намалување кај металната индустрија, прехранбената. Поради губитокот во трговската размена со Косово што настана со прекинување на извозот на нафтените деривати на Окта на Косово, треба да се најде начин да се надополни јазот од 250 милиони долари,“изјави Азески.

Стопанската комора и Стопанската комора на Северозападна Македонија потпишаа договор врз основа на новиот Закон за стопански комори за соработка, со што нивото на соработка ќе се подигне на повисоко ниво

.Ќе има дневна размена на инфромации, ќе се отвораат прашањата кои ги засегаат компаниите и ќе се дефинираат економските политики за кои ќе се разговара со Владата.