Бабите и дедовците во Хрватска ќе плаќат алиментација

Доколку родителот кој не живее со детето не плаќа алиментација за детето, од оваа есен во Хрватска тоа ќе треба да го прават неговите, односно нејзините родители.

Уште од 2003 – та година во законот за семејство стои дека ако родителот кој не живее со детето не плаќа за неговото издржување, судот може да одреди тоа да го прават бабата и дедото.

– Самиот суд одлучува кога плаќа поранешниот сопружник, кај кого детето веќе не живее, а кога плаќаат родителите на тој сопружник – истакнува Хрвоје Садариќ од министерството за социјална политика и млади.

Иако постојат случаи во кои бабата и дедото ја плаќаат алиментацијата за внуците, побројни се оние случаи кога несовесниот родител е заменет од државата. За таканареченото привремено издржување Хрватска годишно издвојува околу четири милиони евра. Минатата година државата финансиски потпомогнала 2.470 деца. Во зависност од возраста на детето, помошта изнесува од 123 до 159 евра.