Баерн (М) на мегдан против Борусија од Дортмунд

Борусија од Дортмунд го доби актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Баерн (М), за противник во финалниот натпревар од годинашното издание на Купот на Германија.

Вториот полуфинален дуел, одигран на “Алианс Арена” помеѓу екипите на Баерн (М) и второлигашот Кајзерслаутерн заврши со убедлив триумф на баварскиот гигант од 5:1.

По еден погодок постигнаа Себастијан Шваинштајгер, Тони Крос, Томас Милер, Марио Манџукиќ и Марио Геце, а единствениот погодок за гостинскиот тим беше дело на Симон Ѕолер.

„Кајзерслаутерн одигра храбро од првата минута и заслужува големи честитки. Имавме мали проблеми кога е во прашање поседот на топката. Не ни беше лесно иако постигнавме пет погодоци. Среќен сум поради борбениот дух, поради желбата да славиме на овој натпревар. Со нетрпение го очекувам финалниот натпревар во Берлин”, изјави предводникот на Баерн (М), Пеп Гвардиола.