Баерн (М) не го прифаќа нереалното барање на Тони Крос

Почесниот претседател на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М), Франц Бекенбауер откри дека клубот нема да понуди повеќе отколку што заслужува репрезентативецот на Германија, Тони Крос, кој веќе неколку месеци преговара за нов договор.

“Ние како клуб мораме да донесеме некоја одлука. Баерн (М) не може да прифати некое барање кое е нереално, кое е до кровот на “Алианс Арена”. Не постои таков фудбалер кој може да направи промена во нашата филозофија кога се во прашање платите на фудбалерите. Ние имаме јасна структура и нема бегање од истата”, изјави Бекенбауер.

Спортскиот директор на баварскиот гигант, Матиас Замер уште еднаш потсети дека Тони Крос има договор со важност до 2015 година и дека до тогаш нема да мрдне од Минхен.

“Тони има договор до 2015 година и до крајот на истиот нема да му биде дозволено никаква промена на клупската средина. Ние сакаме да остане во Минхен и после 2015 година. Баерн (М) има покажано колку го цени неговиот квалитет”, изјави Замер.