Спорт

Баерн Минхен доби фудбалска лекција од Борусија Дортмунд

Баерн Минхен доби фудбалска лекција од Борусија Дортмунд

Саботниот дерби натпревар од 30. коло во германската Бундес лига, дуелот помеѓу вечните ривали, Баерн (М) и Борусија од Дортмунд, заврши со убедлив триумф на гостинот од 3:0.

Популарните „милионери” дојдоа до посакуваното водство со погодокот на ерменскиот интернационалец, Хенрик Михтариан, а на 2:0 зголеми крилниот напаѓач, Марко Ројс.

Последниот погодок на натпреварот беше дело на младинскиот репрезентативец на Германија, Јонас Хофман, а во последната минута од натпреварот, директен црвен картон заработи офанзивниот бек на Баерн (М), Рафиња.

„Да се победи Баерн (М) со убедливи 3:0 и тоа на ‘Алианц Арена’ значи дека мојот тим има одиграно совршено. Сите одиграа без грешка, особено Михтариан. Сега мора да се фокусираме на полуфиналниот натпревар од Купот на Германија. Сакаме пласман во финалниот натпревар. Не е важно против кого ќе играме во Берлин, важно е да бидеме дел од тој голем спектакл”, изјави предводникот на Борусија Д., Јирген Клоп.

Фудбалерите на Баер од Леверкузен денеска ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен во дуелот против новајлијата во елитното друштво, екипата на Херта од Берлин, а голема неизвесност се очекува и на натпреварот помеѓу екипите на Хофенхајм и Аугсбург.

Резултати: Мајнц – Вердер 3:0, Борусија М. – Штутгарт 1:1, Хановер – Хамбургер 2:1, Фрајбург – Брауншвајг 2:0, Волфсбург – Нирнберг 4:1, Шалке – Ајнтрахт Ф. 2:0, Баерн М. – Борусија Д. 0:3.