Баерн со „петка“ против Бешикташ, реми на Челзи и Барса

Во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите германскиот првак Баерн во Минхен славеше со 5:0 (1:0) и се стекна со огромна предност против турскиот претставник Бешикташ, додека во Лондон Челзи и Барселона ремизираа 1:1 (0:0), па вкупниот победник од овој дуел ќе биде познат по реваншот на 14-ти март на „Камп Ноу“.

Головите за Баерн ги постигнаа Томас Милер во 43 и 66-та, Кингсли Коман во 53 и Роберт Левандовски во 79 и 88 минута, а Бешикташ уште од 16 минута играше без исклучениот Домагој Вида.

Одлуката за пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите Баерн се чини го реши уште на првиот меч на „Алијанц Арена“, а текот на мечот го одреди раното исклучување на Вида. Со играч помалку Бешикташ одолеваше до 43 минута, а потоа прими уште четири голови и го забележа првиот пораз оваа година во европското натпреварување, но висок кој значи и крај на надежите.

На „Стемфорд Бриџ“ иако Барселона беше надмоќна во поседот на топката, тешко се пробиваше низ густата одбрана на Челзи, па остана без вистинска шанса во првото полувреме. Челзи, пак, се закануваше со шутови од работ на шеснаесетникот, преку Еден Азар во 5 и 43 минута кога беше за малку непрецизен, и преку Вилијан во 33 и 41 минута, но и во двата наврата ја погоди статвата.

Но во третиот обид Бразилецот Вилијан од истата дистанца во 62 минута беше прецизен. Барселона и во второто полувреме беше без реализација, но ја спаси грешката на бекот Кристенсен кој „несебично“ го послужи Иниеста на врвот од шеснаесетнкот а овој во трк кон противничкиот гол одигра „повратна“ за Меси и во 75 минута Каталонците дојдоа до израмнување.

Треба да се одбележи дека Челзи е еден од ретките клубови куму Лионел Меси досега не успеваше да му даде гол, му беа потребни 730 минута за првиот гол против клубот „Стемфорд Бриџ“.