сабота, 25 март 2017  |  Вести денес: 24

Бајден: Неопходна е интеграција на земјите од Балканот

bajden-1

Поврзани вести

Не е возможно Европа да биде цела, слободна и мирна без целосна интеграција на земјите од Балканот. Имаме и други одговорности ширум светот, но за Европа и САД е битна иднината на регионот на Југоисточна Европа, порача вечерва американскиот потпретседател Џо Бајден на затворањето на Самитот на лидерите на Брдо-Бриони процесот што се одржа во Загреб.

Тој истакна дека границите во Европа треба да ги поврзуваат земјите, а не да ги раздвојуваат, а токму затоа, како што рече, е неопходна интеграција на сите земји во Европската унија и НАТО, јави МИА.

Тоа е најдобар начин за да се промовира стабилност, сигурност и просперитет. За тоа се неопходни реформи за да ја сузбијат корупцијата, да го подобрат владеењето на правото, да го зајакнат цивилното општество и независноста на медиумите, како и да ги реформираат оружените и разузнавачките служби. Ние сме подготвени да им помогнеме да го спроведат овој процес на сите кои сакаат да го направат тоа, потенцира Бајден.

Политичката криза доведе до забавување на реформите

Американскиот потпретседател го оцени напредокот на секоја од земјите од регионот и ги кажа своите забелешки, нагласувајќи дека вратата на НАТО останува отворена за сите.

Во Македонија имаше политичка криза и доведе до забавување на реформите. За среќа новиот политичкиот договор што е постигнат предвидува избори пролетва и им дозволува на паритиите да ги продолжат неопходните реформи за да се придвижи земјата напред. Се надевам и ги охрабрувам да ги отворат вратите за интеграција да ги надминат проблемите вклучувајќи го и оној за името со Грција, рече Бајден.

Туск: Мораме силно да го потврдиме процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан

Претседателот на Советот на Европа Доналд Туск рече дека ЈИЕ е од клучна важност за просперитетот и стабилноста на цела Европа.

Мораме силно да го потврдиме процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан… Даваме целосна поддршка на дијалогот за споделување информации за безбедност, бидејќи терооризмот е заеднички глобален проблем. Затоа е потребен сеопфатен приод во борбата со оваа закана, рече Туск.

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ рече дека теми на разговор биле актуелните предизвици и можностите за јакнење на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ.

Договорено е дека за постигнување на овие цели мора да се јакне трансатланското партнерство на САД и ЕУ и да се внесе нова енергија во процесот на проширување на Унијата за државите кандидати, порача Грабер-Китаровиќ.

Најчитани вести