Бајден: САД ќе испратат „порака“ до Путин за руско мешање во претседателските избори

Американскиот вицепретседател Џо Бајден ги отфрли критиките дека Белата куќа не реагирала на претпоставените обиди за мешање на Русија во претседателските избори, што ќе се одржат следниот месец, пренесоа француските медиуми.

-Ќе му испратиме порака на рускиот претседател Владимир Путин, рече Бајден со иронична насмевка во интервју за американската телевизија Ен Би Си.

„Имаме капацитет да го направиме тоа и пораката ќе биде испратена“, подвлече тој, прецизирајќи дека тоа ќе се случи во најпогоден момент.

Запрашан дали јавноста ќе ја дознае пораката, Бајден лаконски одговори: „Се надевам дека нема“.

Американскиопт вицепретседател не даде други детали за ова прашање.

Според телевизија Ен-Би-Си, цитирана од ТАСС, САД се подготвуваат за евентуален моќен кибер напад врз Русија. Целта е со нападот да биде опфатено и руското раководство.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама минатата недела ја обвини Русија дека се меша во претседателските избори, диригирајќи го хакирањето на електронската пошта на видни американски личности и институции. Цел на кибер нападите главно  е Демократската партија и нејзиниот кандидат за претседател Хилари Клинтон.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во средата овие обвинувања ги оцени како ласкавни, но смешни.