Бајрактаров: За младите ќе создадам услови да работат и да напредуваат

Во наредните недели Струмица е исправена пред предизвикот да избере градоначалник кој најдобро ќе работи за потребите на граѓаните и ќе ја направи општината пријатно место за живеење. Ова го истакна Марјан Бајрактаров, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Струмица.

Еден градоначалник може да биде добар градоначалник само ако е способен правилно да планира и да го насочи човечкиот капитал и ресурсите, секогаш водејќи сметка за приоритетите на граѓаните. Со моето професионално искуство и менаџерски дух оптимално ќе го насочам тој потенцијал за развој на Струмица каква сите ја посакуваме, рече Бајрактаров.

Тој потенцира дека Струмица располага со добри работници и чесни луѓе, но и поволна местоположба и можности за поголем економски развој.

-За младите луѓе ќе создадам услови да напредуваат и работат во сопствената општина. Високо ќе ја ценам и почитувам стручноста и квалитетните луѓе ќе бидат поставени на вистинските места. Општината ја гледам како партнер на бизнис секторот кој нуди еднакви можности за сите. Преку доделување и уредување на градежно земјиште и намалување на надоместокот за уредување и обезбедувањето на комуналната инфраструктура, општината активно ќе го поттикнува основањето и развивањето нови индустриски капацитети и активно ќе учествува во привлекувањето на нови инвеститори, порача кандидатот за градоначалник Бајрактаров.

Тој нагласи дека градинките и училиштата мора да станат пријатно место за децата и учениците, затоа што оттаму почнува се.

– Ќе ги зголемиме хигиенските стандарди и технички ќе ги опремиме. Зградите кои се постари од 40 години ќе добијат нови енергетско-ефикасни фасади и партерно и хортикултуно уредување. Струмица ќе добие вистински функционален пазар,  рече Бајрактаров.

Најави реконструкција и модернизација на улиците и булеварите, велосипедски патеки, спортски комплекси и паркови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.