Бакингамската палата демантира дека Ендрју имал врска со тинејџерка

Бакингамската Палата демантираше денеска дека британскиот принц Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета, имал сексуална врска со тинејџерка, пренесе МИА.

Во соопштението на палатата, службената резиденција на кралицата Елизабета, се вели дека таквите тврдења, изнесени како докази, во еден граѓански судски процес во Флорида, се „апсолутно неточни“ како и дека принцот не е дел ниту од случајот, ниту од процесот што се води во САД.

Името на Ендрју се споменува во изјавата на жената, која тврди дека кога имала помалку од 18 години, била присилена да има сексуални односи со возрасни мажи и при тоа набројува три имиња-едното на принцот, другото на американскиот адвокат Ален Дершовиц, поранешен професор по право на Универзитетот во Харвард, а третиот е „поранешен премиер“ но во британската јавност не се открива неговиот идентитет.

Жената чиј идентитет исто така не се открива, тврди дека таа била „сексуална робинка“ на контроверзниот американски финансисер Џефри Епштајн, кој ја присилувал да има секс со неговите блиски пријатели. Таа тврди дека со британскиот принц била три пати, во Лондон, во Њујорк и еднаш на приватниот остров на Епштајн, во регионот на Карибите, меѓу 1999 и 2002 година.

Но таа и нејзините адвокати, кај судот во Флорида не ги тужат луѓето што жената ги споменува во нејзината изјава дадена за адвокатите која сега е кај судијата што го води случајот, туку ова „сведочење“ е само доказ за тужбата против американската држава, што оваа жена, како и две други „сексуални робинки“ ја имаат поднесено, затоа што „не биле заштитени нивните права“ кога државата правела спогодба во процесот против Епштајн.

Обвинувањата за секс со малелолетнички се однесуваат за „наредбодавачот“ Епштајн кој за тоа беше суден и помина во затвор две години, па од 2009 година е на слобода.

Принцот Ендрју уште тогаш беше критикуван во британската јавност затоа што бил близок со таков човек, во време кога беше промотор на британската влада низ светот за економијата и бизнисот на Велика Британија. Обновата на врската на принцот со Епштајн, откако овој беше пуштен од затвор, беше една од причините владата во Лондон да му ја одземе на Ендрју оваа функција.

Ова е првпат да се споменува дека британскиот принц бил еден од „корисниците“ на услугите на „робинките“ на американскиот финансиер. Но второспоменатиот во досието пред судот ви Флорида, адвокатот Дершовиц во изјава за радио Би-Би-Си изјави денеска дека „не треба воопшто да и се верува на таа жена“.

Адвокатот тврди дека ниту ја познава жената, ниту имал некаква врска со неа. Тој предлага да се објават досијеата што ги има судот, за да се откријат нејзините измислици и вели дека сето она што жената го зборува, вклучувајќи го и она за принцот,„не е за верување“.

фото: telegraph.co.uk

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.