Бакир Изетбеговиќ вели дека татко му Алија му ја оставил БиХ во аманет на Ердоган

Бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, повторно во четвртокот ја експлоатираше проблематичната теза според којашто неговиот покоен татко Алија Изетбеговиќ пред смртта на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган му ја доверил улогата на своевиден душегрижник и покровител на БиХ.

Учествувајќи во одбележувањето на четиринаесетгодишнината од смртта на бошњачкиот лидер Алија Изетбеговиќ кој беше првиот претседател на Претседателството на БиХ како самостојна држава, неговиот син Бакир Изетбеговиќ рече дека врската меѓу неговиот татко и сегашниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган била многу важна, како и оти за тоа сведочи што Ердоган бил една од последните личности коишто разговарал пред смртта.

„Тој (Алија Изетбеговиќ) во него го препозна идниот силен лидер и му ја остави во аманет грижата за БиХ. Јас мислам дека Ердоган и тоа како добро го носи тој аманет“, рече Бакир Изетбеговиќ.

На реакциите по повод констатацијата за Ердоган како личност на којашто БиХ ѝ е оставена на грижа, не требаше долго да се чека, а прв тоа го стори огорчениот политички противник на Изетбеговиќ, лидерот на босанската Срби, Милорад Додик. Рече дека оваа изјава е „скандалозна и опасна“ порачувајќи дека Бакир Изетбеговиќ на Ердоган може „на чување“ да му го даде она што е катастарска сопственост на неговото семејство.

„Во БиХ живеат два христијански народи (Србите и Хрватите –з.р.) во чиешто име Алија никогаш не зборуваше, ниту имаше мандат да зборува“, изјави Додик.

Самиот Бакир Изетбеговиќ е во постојан контакт со Ердоган, а еден со друг често се ословуваат со „брате“. Поради така блиската соработка Изетбеговиќ често е критикуван и обвинуван дека БиХ ја доведува во позиција на турски вазал на Балканот.

Турција со посредство на својата амбасада во Сараевно директно се вклучи во одбележувањето на годишнината од смртта на Алија Изетбеговиќ и тоа понудувајќи ѝ во четвртокот на сараевската публика премиера на турскиот телевизиски документарен филм под насловот „Алија, последниот бедем на исламот“.

Во филмот се воспеваат ликот и делото на покојниот бошњачки лидер, но дури и на неговиот син кој присуствуваше на проекцијата му пречеше насловот кој го оцени како „малку претенциозен и еднодимензионален“

„Алија е секако човек кој е борец за одбрана на исламот на овие простори, но беше и борец за демократијата, слободата, воведувањето на повеќепартискиот систем, како и на мултиетничката супстанција во БиХ“, изјави Бакир Изетбеговиќ коментирајќи го филмот.

Се зачуди, сепак, што никој во БиХ не се сетил да сними филм за неговиот татко, па тоа морале да го сторат Турците кои отишле и чекора натаму, бидејќи нивната државна телевизија TRT подуцира играна серија за Алија Изетбеговиќ која сѐ уште се снима.