Бакрачески:Антикамањата за Охрид има своја позадина и таа не е наивна и не е од забава

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во интервју за Прес24, се сомнeва дека туристички агенции кои организираат патувања во странство, стојат зад медиумските написи дека Охрид е прескап, неуреден, негостољубив и сето тоа е финансиски мотивирано

„Јас не би рекол дека е организирано туку се работи за спорадични новинарски тенденции за кои сите во Охрид се сомневаат дека имаат своја позадина и дека се најверојатно финансиски мотивирани. Дали зад сето тоа стојат одредени туристички агенции или други чинители кои имаат директен бизнис интерес од продавање на туристички аранжмани во соседството на начин со кој би ги одвратиле потенцијалните туристи од Охрид и би ги пренасочиле кон туристичките дестинации каде што имаат склучено договори за продажба на своите услуги. Не можам да тврдам , но логично е ако некој константно неосновано го напаѓа Охрид како водечки туристички центар во земјава, да има мотив да го прави тоа,“ вели Бакрачески за Прес24.

Тој убедува дека во Охрид не е се така како што се претставува и дека градот функционира како и секое друго светски познато туристички место.

„Во нај строгиот центар на градот, на Булевар „Туристичка“, на крстосницата кај „Охридска банка“ има кафетерија во која турско кафе се продава за 20 денари, а еспресо и минерална вода заедно се продаваат за 50 денари,“ потенцира градоначалникот на најголемиот туристички центар

Тој не се согласува ниту со констатацијата дека охриѓани се негостољубиви, напротив вели анализите покажуваат дека во Охрид има добри домаќини.

„Времињата кога во Охрид имало не соодветен третман на гостите се одамна минато, денес за жал останаа само шегите, досетките и вицовите за охриѓани како лоши домаќини. Дека охриѓани се гостопримливи луѓе и добри домаќини, најдобро говорат анкетите за задоволство на гостите кои секторот за туризам при локалната самоуправа, заедно со Факултетот за туризам и угостителство ги спроведуваат секоја година,“ вели Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид, кој е на функцијата 15 месеци, а досега спроведе неколку иницијативи за подобрување на условите за туризам, вели дека со неговото доаѓање на челната функција, градот како да почнува од почеток. Средените правила на игра за концесионерите за плажите и хаосот со паркингот, се само дел од стратегијата како Охрид да стане најдобар туристички центар

„Она што навистина му недостига во овој момент на Охрид е стратегија за маркетинг и промоција на градот, односно потребен ни е многу „поагресивен“ маркетинг. Една од опциите е и ангажирање на странска консултантска куќа за изработка на маркетинг стратегија во туризмот,“ вели Бакрачевски.

За тоа дали странците се задоволни од Охрид, градоначалникот го потенцира фактот дека оваа година во Пештани 40 лица од Холандија купиле станови или куќи, а во Рача купуваат имот државјани на Велика Британија.

„Сетоа ова е еден одличен показател дека Охрид е ставен на европската мапа за трговија со недвижности и тоа ветува многу,“ вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во интервјуто за Прес24