Бакрачески: Новата инвестиција на „Костал“ е потврда за нашите приоритети

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денес ги извести охриѓани дека германскиот индустриски гигант „Костал“ ќе инвестира во овој регион.

-Ова е уште една потврда на нашите приоритетни определби и силни напори и како Влада на Р. Македонија  и како Локална самоуправа да чекориме кон патот кој го трасиравме од самото добивање на мандатот од граѓаните, пат кон стопанско заживување на Охрид, пат кон подигање на локалната економија и креирање на нови работни места за локалното население и следствено на тоа пат кон сигурно подигање на стандардот на живеење во Охрид. И успеваме. По “ОДВ Електрик“, онака како што ветивме и ве известувавме изминатите месеци   и  германски „Костал“  конечно доаѓа во Охрид, истакна Бакрачески.

Компанијата „Костал“ е водечки извозник на технолошко – напредни производи од делот на електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други сродни индустрии. Групацијата располага со 38 капацитети во 17 земји на 4 континенти, и глобално вработува дури 15 илјади луѓе.

„Инвестицискиот план на “Костал“ за Охрид, се поклопува со нашата локална стратегија за економски раст и развој на градот. Во фабриката на  “Костал“ во наредните 2-3 години етапно, се очекува да бидат работно ангажирани над 1.000 работници и стручен кадар од разни профили. Но индиректно, оваа  инвестиција преку создавање на мрежа од локални компании – кооперанти и фирми добавувачи  отвора сериозна можност,  бројот на вработувања да биде многу поголем бидејќи намерата на компанијата е да  ги искористи сите сродни  локални капацитети и вештини за да ги задоволи потребите за успех. Во почетокот на 2015-та година  почнува како браунфилд инвестиција во некој од веќе постоечките објекти во Охрид, за да после период од две години се трансформира во целосна гринфилд инвестиција во ТИРЗ Охрид- Струга. И двете инвестиции во областа на автомобилската индустрија, “ОДВ- Електрик“ кој веќе неколку месеци функционира во Охрид и сега “Костал“, повеќе од очигледно ветуваат сериозно стопанско воздигнување на Охрид, после долгиот  23 годишен период на дезинтеграција на стопанско -индустрискиот систем на градот, во кој со ретки исклучоци на рестартирање, беа затворени буквално сите производствени  и стопански капацитети на градот а илјадници граѓани останаа без работа и можност за егзистенција, потенцираше охридскиот градоначалник.

Бакрачески додаде дека реализацијата на проектот за изградба на индустриска развојна зона во “Мауцхер“ за која интерес пројавија неколку локални  успешни компании кои сакаат да го прошират својот бизнис и своето производство,  е факт кој треба да радува.

Тој додаде дека вработувањата во Охрид веројатно ќе бележат нагорна линија земајќи ја во предвид моменталната заинтересираноста на уште една до две компании од областа на производство  на трансформатори и далноводи, кои пројавуваат силен интерес за рестартирање на делови од охридски ЕМО.