Бакрачески: Охриѓани кажаа НЕ на погубната политика на СДСМ во 2013

Прв на присутните на големиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се обрати градоначалникот на општината, Никола Бакрачески. Тој истакна дека во времето на претходното владеење во градот кога сакале да ја презентираат својата програма во спортската сала „Билјанини извори“ не им било дозволено.

– Но, еве сме сега овде во преполна сала – рече Бакрачески, кој додаде дека избрале храброст, верба и сила која ја докажува бројноста на присутните што кажува за силата на ВМРО-ДПМНЕ.

Суштината на нашето работење е нашиот континуитет, токму затоа во 2013 година граѓаните на Охрид кажаа не за претходниот начин на владеење, од погубните политики на локалната власт и ја покажаа желбата за промени во Охрид.

Бакрачески ги наброја загубите во општината, трупањето на долгови на сите јавни претпријатија, затворањето на многу фирми во времето на претходното владеење на СДСМ.

– Но, денес наша грижа е иднината. И ние никогаш нема да ги повториме старите долгови. Ветивме отчетност и одговорност, храбра и верна игра и љубовта кон Охрид, работи кои ќе бидат препознаени во нашата работа – рече Бакрачески.

Конечно додава тој, по 15 години општината повеќе нема долгови и работи продуктивно. Ги спомена сите проекти кои се реализирани во Охрид, инфраструктурни проекти во патишта, водоводна мрежа, плажи, плоштади, спортски игралишта. . .

Охрид прерасна во главен туристички центар со авионски конекции и со реклами на сите големи и важни странски медиуми за промоција на туризмот, рече Бакрачески. Ќе бидат отворени две фабрики, странски инвестиции, во кои ќе бидат вработени 2000 лица.