Бакрачески со детален отчет: Вкупниот долг на општината намален за 175 милиони денари

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска даде отчет пред граѓаните за сработеното во локалната самоуправа во првата половина од мандатот.

– Онака како што ветивме при преземањето на власта, дека чесноста, одговорноста, посветеноста, транспаретноста и отчетноста ќе бидат препознатлив детал од работата на локалната самоуправа, денеска стоиме со одговор на сите прашања во однос на тоа што сме го ветиле и што сме го оствариле во овој период, низ конкретни бројки, параметри и илустрации, рече Бакрачески презентирајќи ја брошурата со отчетот.

Тој меѓу другото истакна дека првпат после период од 15-тина години во Охрид се создадени услови во кои долговите во општината не растат, туку бележат значаен тренд на опаѓање.

– Некои од општинските претпријатија не само не генерираат нови долгови, туку и ги намалуваат, а некои дури остваруваат позитивни резултати во работењето, рече Бакрачески.

bakracheskiiiii

Независно огромниот наследен долг и финансиски хаос на работ на банкрот, тој истакна дека преку домаќинско работење, со искрен и чесен приод и максимално искористување на сите расположиви човечки ресурси, во периодот од 4 април 2013 до март оваа година општина Охрид исплатила 491,5 милион денари од обврските кон сите основи, а вкупниот долг на општината денеска е намален за над 175 милиони денари.

Тој ги посочи сите активности што ги спровеле општинските власти во изминатите две години за подобрување во инфраструктурата, туризмот, образованието, културата, спортот…

– Областа во која вложивме најмногу енергија, знаење и труд е туристичкиот и економскиот развој и подобрување на економските перформанси на општината. За таа цел изградивме нова стратегија и пристап во привлекување странски туристи и отворање нови работни места. Со сопствени сили и знаења за првпат во Охрид и Македонија ја изработивме брошурата „Инвестирај во Охрид“ со интегрирани податоци за економските и бизнис-потенцијалите на општината и поволностите за идните инвеститори, истакна Бакрачески.

Пред граѓаните на Охрид за вториот дел од неговиот мандат најави како што рече „револуција во развојот на градот“, чија реализација отпочна токму денеска со стартот на инвестицискиот проект обезбеден преку Светска банка и Министерството за финансии, со обезбедени два милиони евра за реализација на повеќе инфраструктурни проекти, насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

Истовремено, тој како главни проекти ги посочи веќе отпочнатата изградба на нов хотел од брендот „Small Luxury Hotels“ на Охридската ривера и доаѓањето на двата гиганти на автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“ и „Костал“ преку што е предвидено отворање две илјади нови работни места.