„Балкан Енерџи“ предлага мерки за загадувањето: Сите што имаат услови да се приклучат на парно

„Балкан Енерџи Груп“, компанијата која од лани го презеде снабдувањето со топлинска енергија во Скопје предлага мерки со цел намалување на загадувањето на главниот град.

Компанијата предлага сите оние кои своите домови или канцеларии ги затоплуваат на фосилни горива (нафта, јаглен, дрва), да се приклучат на градското парно доколку имаат веќе инстапалција или пак им се потребни мали инвестиции за приклучок.

„Како главен извор на загадувањето на градот Скопје посочен од надлежните институции е согорувањето на фосилни горива и дрва при затоплувањето на станбените и деловните објекти. Согласно информациите од Град Скопје само 36 отсто од потрошувачите се затоплуваат на централно греење, а од останатите 64 отсто безмалку половина се затоплуваат со фосилни горива и дрва… Балкан Енерџи преку системот за централно греење испорачува еколошки чиста енергија за затоплување бидејќи сите наши топлани работат на природен гас кој е еколошки најчистиот енергенс. Техничкиот капацитет на топланите и дистрибутивната мрежа во овој момент е двојно поголем од потребите на нашите потрошувачи. Од друга страна голем дел од потрошувачите кои користат фосилни горива и дрва за затоплување веќе имаат приклучок или со мали инвестиции може да се приклучат кон системот за централно затоплување“, велат од „Балкан Енерџи Груп“.

Компанијата смета дека надлежните институции треба да донесат мерки за приклучување на граѓаните и фирмите кон системот на централно греење што, според „Балкан Енерџи Груп“, ќе допринесе за брз и непосреден ефект во намалувањето на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.