Турција потпиша договор со Русија за набавка на системите С-400

Турција потпиша договор со Русија за опремување на својата армија со напредните противвоздушни ракетни системи С-400, што предизвикува негодување кај нејзините западни сојузници во НАТО.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Анкара веќе го платила капарот за набавка на споменатиот руски ракетен систем, кој се проценува на износ од 1,9 милијарди евра.

Турција ја има најголема армија од земјите членки на НАТО, а вообичаено од земјата членка на воениот сојуз се очекува да купува компатибилни оружени системи, забележуваат западните медиуми. Воопшто, во НАТО единствена руска опрема којашто се користи е онаа којашто преостана во земјите од поранешниот Варшавски пакт. Постари руски противвоздушни системи, коишто прв ги набави Кипар, има и Грција.

Откако пред две години ги влоши односите со администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама поради вооружувањето на милицијата на сириските Курди Единици за заштита на народот (YPG) кои Анкара ги смета за блиски на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) во Турција, и помирувањето со Москва, Турција воспоставува потесни стратешки врски со Русија.

Според спецификацијата рускиот противвоздушен систем С-400 има дострел од 400 километри и може истовремено да собори 80 цели гаѓајќи ја секоја со по два проектила.

Русија го постави во декември 2015 година постави систем С-400 во нејзината база во близина на сириска Латакија, откако турски воена авион собори руски бомбардер „Су-24“ на сириско турската граница, за што подоцна Анкара се извини и објави дека е затворен командантот кој го наредил соборувањето како дел од офицерите кои го изведоа неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година за кој Анкара ја обвинува мрежата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД кои одбиваат да го екстрадираат во Турција. Овој инцидент предизвика големо заострување меѓу Турција и Русија.

Владимир Козин, воен советник на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека договорот за набавка на системот С-400 е согласен со руските стратешки интереси. „Имајќи го предвид тоа, може да се разбере реакцијата на некои западни земји кои сакаат да извршат притисок врз Турција“, изјави, како што пренесе агенцијата РИА.

Ердоган, според турскиот дневен весник Hurriyet, изразил незадоволство од неименуваните западни партнери кои „бараат големи суми“ за воените дронови. Изјавил дека минатата седмица турските сили убиле 90 припадници на единиците на сириските Курди со дронови кои се развиени во Турција, бидејќи западните се прескапи.

„Ние сме одговорни за преземањето безбедносни мерки во одбраната на нашата земја“, истакнал Ердоган.

Дописникот на британскиот јавен сервис BBC од Турција јави дека договорот со Русија претставува јасна порака на НАТО откако САД и Германија ги повлекоа своите противракетни батерии „Patriot“ од Турција, како и другите земји од Алијансата, од границата кон Сирија. Турција во 2015 година бараше од неколку земји на НАТО да ги задржат овие системи на турско-сириската граница.

Турската одлука да ги набави руските системи С-400 има и практична и политичка порака, и неизбежно ќе биде разгледувана како уште еден знак на постепеното оддалечување на Анкара од нејзините западни сојузници.

Турција веќе неколку години настојува да набави нови противвоздушни системи. Пред четири години разгледуваше набавка и заедничко производство на кинески ракетни системи, но по притисокот од НАТО се откажа од оваа зделка.

Изборот на рускиот систем кој ќе биде тешко, но не и сосема невозможно, да се интегрира во поширокиот противвоздушниот систем за западните аналитичари нема многу стратешко значење. Анкара и Москва беа во жесток судир по соборувањето на рускиот бомбардер, но од тогаш многу нешта се променија. Во регионалната политика Анкара и Москва сѐ повеќе се согласуваат, а за возврат турската внатрешна политика Западот сѐ почесто ја опишува како репресивна.

Турција во ноември 2015 година, токму во периодот на заострувањето на односите со Русија, го откажа големиот договор во износ од 3 милијарди евра кој пред две години ѝ беше доделен на кина, за да ја опреми турската армија со проектили „земја-воздух“, а беше предвидено и заедничко производство, на што се спротиставуваше Вашингтон.

Договорот склучен во 2013 година на големо изненадување, особено на западните сојузници на Турција од НАТО, ја доби компанијата „China Precision Machinery Export-Import Corporation“ (CPMIEC), што предизвика жестоки реакции на САД. Турција под притисокот од сојузниците во НАТО две години подоцна реши да го поништи договорот, наводно поради оглушувањето на кинеската страна да ја усогласи својата технологија во текот на повеќемесечните преговори. Оттоаш Анкара планира да „произведува сопствени ракети, со поддршка на светски признат систем во вооружувањето“.

По доделувањето на зделката за набавка на ракетен систем на Кина во 2013 година и загрижените предупредувачки реакции на САД и на НАТО, Турција тогаш објави дека за тоа е во преговори со Франција, чијашто понуда била полоша од кинеската, но владата откри дека немало нови понуди од западните земји. Системот требаше да биде интегрирани во одбранбениот комплекс на Турција и да се користи без интегрирање во НАТО.

Тендерот за набавка на противвоздушен ракетен систем со долг дострел, инаку Турција го објави уште во 2009 година, а во септември 2013 година беше објавено дека најдобра понуда дала кинеската компанија CPMIEC, која ги победи американските, европските и руските конкуренти. САД тогаш изразија загриженост од тоа што Турција како членка на НАТО се одлучила да соработува со кинеската компанија „China Precision Machinery Import & Export Corp“ (CPMIEC), компанија којашто е под американски санкции поради наодното прекршување на договорот за неширење оружје, односно воена соработка со Иран, Северна Кореја и со Сирија. Притисокот од НАТО врз Анкара предизвика резултатот од оваа понуда за јавна набавка да биде поништен. Меѓу другите, овој тендер претендираа да го добијат американската компанија „Raytheon & Lockheed Martin“ и европскиот концерн „Eurosam“.

Експертите сметаат дека со овој потег Турција сакаше да обезбеди самостојна заштита во регионот, од опасностите кои за неа потенцијално ги претставуваат немирниот Ирак и Курдите кои таму добија автономија а може да се случи тоа да го сторат и во соседна Сирија кои би соработувале со турските Курди кои сакаат отцепување, потоа секогаш непријателски расположената Сирија, како и Иран, кој и покрај некои приближување сѐ уште нема воспоставено потопли односи со Анкара. Се сметаше, исто така, дека со самото тоа што Турција ќе соработуваше со Кина, тоа ќе значи и дека ќе биде насочена на соработка и со Русија, имајќи предвид дека најавениот кинески систем за противракетна одбрана се темели на застарена руска технологија, и за негово модернизирање Анкара ќе треба да ѝ се обрати директно на Москва.