Еден исчезнат и пет повредени во невреме во Србија

Едно лице се води како исчезнато и најмалку пет се повредени во невремето кое во неделата попладнето го зафати Србија, а на западот од земјата избувнаа неколку големи пожари поради силниот ветер кој ги искинал електричните водови.

Како што пренесуваат белградските електронски медиуми, на Дунав меѓу Земун и Белград околу 14,30 часот исчезнал маж кој бил во чамец, а речната полиција по него интензивно трага.

Во белградската населба Борча поведено е петгодишно момченце на кое паднала од ветрот откината гранка од дрво, а уште две лица побарале лекарска помош во итната служба. Точниот број повредени во Белград во другите области на Србија сѐ уште не се знае бидејќи новите извештаи постојано пристигнуваат.

Силен ветар проследен со дожд за само половина час го зафатил поголемиот дел од Србија: Шабац, Нови Сад, Сремска Митровица, Белград, Зрењанин и јужниот дел од Банат.

Ветрот во Мачва и Шабац во текот на раните попладневни часови нанел големи штети на земјоделските посеви и станбените објекти, а од една четирикатница во центарот на градот подигнала и однела цел покрив. Силниот ветар во селата на рамничарскиот дел на Мачва носел цели конструкции од покривите.

Во Нови Сад и Белград ветрот дувал со брзина поголема од 100 километри на час, а освен во Шабац, покриви летале и во Зрењанин. Од ветрот откинатите гранки и искршени стебла оштетиле или уништиле десетици автомобили во Белград и во уште неколку градови.

Поради невремето накусо беше блокиран и белградскиот аеродром „Никола Тесла“, па авион на амстердамската компанија „Тransavioa“ морал да биде пренасочен на слетување кон Софија. Поради извонредно лошите временски прилики авионите кружеле чекајќи дозвола за слетување, го пренесуваат медиумите соопштението на аеродромот.

На подрачјето на Златиборскиот округ, во југозападниот дел на Србија, од неделата утрото избиле повеќе од 50 пожари, а пожарникарите се распоредени и во регионите на Чачак, Горњи Милановац, Лучани и Ивањица, објави порталот Б92.

Според прогнозата на метеоролозите, целата територија на Србија и натаму е под „жолт“ и „портокалов“ метеоаларм, а најголема опасност од можните последици од невремето има во северните и западните делови од земјата.