Ердоган ја престројува владата, заменети пет министри

Турскиотпремиер Бинали Јилдирим

Пет министри во турската влада се заменети во нејзиното престројување, кое во средата го објави премиерот Бинали Јилдирим по средбата со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Досегашниот министер за правда Бекир Боздак е поместен во заменик на премиерот, како и министерот за одбрана Фикри Ипик и за здравство Реџеп Акдаг.

На чело на министерството за правда дојде Абдѕулхамид Ѓул, Нуретин Чаникли го презема министерството за одбрана, а Ахмет Деморчан ќе го води министерството за здравство.

Министерка задолжена за труд доаѓа Јулиде Сариероглу, којашто така станува втората жена во владата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

На чело на министерствата коишто се од најголем интерес за Европската унија, за надворешни работи и за односи со ЕУ, остануваат досегашните министри, шефот на дипломатијата Мевлут Чавушоглу, односно министерот Омер Челик.

Реконструкцијата на владата беше очекувана по одржувањето на априлскиот референдум за реформите со кои претседателската администрација доби зголемени овластувања. Премиерот Јилдирим не ги образложи причините за реконструкцијата на владата.

Претходно во средата турскиот претседател во својата резиденција се сретна со премиерот, а странските агенции повикувајќи се на „упатени извори“ пренесоа дека темата на нивната средба била реконструкцијата на владата.

Во мај Ердоган повторно го презема водството на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP), откако тоа му го овозможија уставните реформи изгласани на референдумот од 16 април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.