Балкан

Продолжува падот на довербата во словенечкиот премиер Церар и неговата партија

Продолжува падот на довербата во словенечкиот премиер Церар и неговата партија

Популарноста на владата на словенечкиот премиер Миро Церар и натаму е во пад, покажува најновата месечна анкета на Словенечката телевизија, според којашто таа добива негативна оцена од 66,8 отсто од испитаниците, додека во март ваквата оцена ја дадоа 62,6 проценти.

Ова истражување на јавното мнение покажува дека доколку сега се одржат предвремени избори, трите партии коишто ја сочинуваат актуелната влада би добиле 42 пратеници во 90-члениот парламент, што е за десет мандати помалку отколку на изборите пред три години, покажува проекцијата направена врз основа на поддршката на избирачите за партиите, пренесува агенцијата STA.

Најмногу би загубила Партијата на модерниот центар (SMC) на премиерот Миро Церар чијшто број на мандати би се преполовил, потоа Демократската партија на пензионерите (DЕSUS) на Карл Ерјавец би го задржала приближно сегашниот број пратеници, додека Социјалните демократи (SD) на Дејан Жидан двојно го зголемила резултатот од последните парламентарни избори, кога го забележаа својот најлош резултат досега.

Според резултатите од априлската телефонска анкета спроведена врз 700 испитаници минатата седмица, најмногу подддршка и пратенички мандати на евентуалните предвремени парламентарни избори би добила опозициската Словенечка демократска партија (SDS) на поранешниот премиер Јанез Јанша, за којашто би гласале 13,9 отсто од избирачите, па Социјалните демократи би добиле 10,2 отсто, а партијата на Церар 6,8 отсто, откако пред еден месец падна на 7,9 проценти поддршка.

Мандати во словенчкиот парламент би добиле и Здружената листа (ZL), партијата на ткн Нова левица, и конзервативната демохристијанска Нова Словенија (NSI), додека партијата Сојуз на поранешната премиерка Аленка Братушек не би го минала изборниот праг, бидејќи има поддршка од само 0,2 отсто од испитаниците.

Но речиси 30 отсто од словенечките изборачи во моментов не знаат за која партија би гласале доколку сега бидат распишани изборите, а 17 проценти од испитаниците во анкетата рекле дека немаат намера да излезат на избори.

Редовните парламентарни избори во Словенија треба да се одржат идната 2018 година, но политичките коментатори не го исклучуваат целосно можното распишувње на предвремени избори.