САНУ најави учество во дијалогот за Косово на кој повикува српскиот претседател Вучиќ

Претседателот на САНУ, Владимир Костиќ (Фото: Танјуг/Д.Гол)

Српската академија на науките и уметностите (САНУ) ќе го прифати повикот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на внатрешниот дијалог и размена на идеи за решавање на проблемот со поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, пишуваат белградските медиуми цитирајќи го претседателот на САНУ, Владимир Костиќ.

Оценувајќи дека низ овој дијалог за Косово „се прекршува иднината на српскиот народ“, Костиќ за саботното издание за дневниот весник Блиц вели дека разговорот за овој проблем веќе долго трае нема алтернатива како и дека за САНУ „ќе претставува чест да учествува во дефинирањето на историјата на својот народ“.

„Дијалог и разговор а не војна е патот по кој треба да се оди за да надвладеат вековните несогласувања меѓу двата народа. Затоа е добро политичките организации, институциите, црквата, еминентните научници, но и обичните граѓани, да ги изнесат своите идеи како тоа да се стори. Од тоа мноштво ќе произлезат веројатно и решенијата којашто државата може да ги користи за дефинирање на стратегијата“, го појаснува својот став Костиќ.

Истовремено, првиот човек на САНУ вели дека не му е јасно зашто повикот на претседателот на Србија предизвикал полемики во јавноста.

„Во секој случај, дијалогот е добра идеја, бидејќи – што е алтернативата“, прашува Костиќ, порачувајќи дека мора „да се стави точка“ на воените повици на политичките елити, и кај едниот и кај другиот народ, коишто за дневнополитички потреби одвреме-навреме „ѕвечкаат со оружје“.

Костиќ не сакал да прејудицира дали САНУ ќе се согласи со конечното решение коешто властите ќе го понудат за Косово, но вели дека членовите на Академијата ќе ги објават своите идеи.

Вучиќ претходно, повикувајќи ги сонародниците на внатрешен дијалог за Косово, изјави дека тоа е заеднички договор на сегашните проблеми „решавачки за иднината на Србија и на српскиот народ“, бидејќи прашањето на односот кон Косово „ја забавува Србија“.

„Додека тоа не го решиме, ќе имаме замрзнат конфликт и никогаш од тоа нема да се извлечеме“ порача Вучиќ и ги повика сите фактори на општествената и на политичката сцена на отворен дијалог за Косово, за барем да се направи обид за решавање на, како што го нарече, „косовскиот Гордиев јазол“.

Апелот на Вучиќ поттикна различни реагирања во јавноста, од одобрување и прифаќање на дијалогот до забелешките дека претседателот сака да ја подели одговорноста за обврските кои во поглед на промената на српскиот Устав и решавањето на косовскиот проблем му ги ветил на Западот.

По објавувањето на текстот во Блиц, претседателот на САНУ, исто така, во саботата изјави во писмена форма за агенцијата Танјуг дека челниците на Академијата донеле одлука во петокот дека за „дијалогот за Косово“, до одбивањето на официјална покана повеќе да не даваат изјави во јавноста. Костиќ, исто така, вели оти не станува збор за интервју за дневниот весник, туку дека новинарката на весникот побарала од него во следните две седмици да напише авторски текст на таа тема бидејќи ветил интервју за Танјуг, по враќањето од годишниот одмор. Инаку, Костиќ потврдил дека дел од изнесените ставови во наводното интервју се совпаѓаат со неговите лични позиции кои повеќепати ги повторил во јавноста., но не со исказот дека Извршниот одбор на Академијата ќе може да ги артикулира.

„Сосема спротивно, САНУ е институција од независни и автономни поединци, со цел дијапазон ставови, и секој, вклучително и мојот потенцијален обид да ги ‘артикулирам’ туѓите ставови би било обично злоупотребување“, ја цитира Танјуг писмената изјава на Костиќ.

Се додава дека САНУ како институција може да ги понуди заедничките експертски потенцијали, како Комисијата за Косово и Метохија, експерти за културно и уметничко наследство, како и поединечни ставови на академиците. Костиќ притоа укажува дека неговото „интервју“ заедно со ставовите на претседателот Вучиќ не е коректно кон двајцата нив, бидејќи „имплицитно укажува на некој вид планирана синергија на мислењето“.