Балкан

Турција и Ирак потпишаа историски договор за нафтата

Турција и Ирак потпишаа историски договор за нафтата

Турција успеа да го потпише историскиот договор за нафтена спогодба со Северен Ирак, независно од противењата на САД и на официјален Багдад, информира електронското издание на весникот „Милијет“.

Според соопштението на агенцијата „Ројтерс“ тоа се случило во почетокот на неделата, меѓу Турција и автономното управување во ирачки Курдистан, а спогодбата предвидува испораки на добиената нафта и природен гас во северен Ирак, до светските пазари, преку територијата на Турција. Спогодбата е потпишана за време на тричасовниот состанок во Анкара, меѓу премиерот на автономната курдска самоуправа во северен Ирак, Нечирван Барзани и турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган.

Централната ирачка Влада сепак излезе со официјален став во доцните часови на 27 ноември, во кој се наведува дека ги поседува апсолутните права врз нафтата што ќе биде добиен на територијата на целата земја, соопштувајќи дека секоја спогодба во оваа област со автономната власт во Курдистан претставува „нарушување на суверенитетот на Ирак“.

Истовремено портпаролката на американскиот Стејт департмент, Џен Псаки изјави дека Вашингтон не го поддржува извозот на нафта од кој и да е дел на Ирак, без одобрение од сојузната Влада на земјата.

„Нема промена во нашата позиција по ова прашање. Продолжуваме да повикуваме за постигнување на уставен договор помеѓу федералната Влада на Ирак и курдското регионално автономно управување“, посочи уште Џен Псаки, цитирана од весникот „Милијет“.