Балканците во Шенген-зоната ќе влегуваат со барање дозвола и такса од седум евра

Граѓаните на трети земји што се ослободени од плаќање виза од 2021 година ќе плаќаат седум евра за дозвола да влезат во Шенген-зоната, предвидува договорот за Европскиот систем на патни информации и одобрувања, кој го потврдија претставниците на земјите-членки на Европската Унија. Останува уште одлуката да помине кај Европскиот совет.

Ова е уште еден важен чекор кон заштитата на надворешните граници на ЕУ“, рече бугарскиот министер за внатрешни работи, Валентин Радев.

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ потврдија дека договорот е постигнат меѓу бугарското претседателство на ЕУ и Европскиот парламент, кој се однесува на новите правила за патување на државјани на трети земји во Шенген-зоната.

Во Европскиот совет наведуваат дека новиот систем ќе се применува на државјани на трети земји што се ослободени од виза.

Системот ќе се применува на државјани на трети земји што се ослободени од визниот режим. Тие со пријава преку интернет ќе мора да добијат дозвола да патување пред да влезат во Шенген. За таква пријава поднесувачот на барањето ќе плати надомест за патување во износ од седум евра“, вели Европскиот совет.

Системот ЕТИАС го предложи Европската комисија во ноември 2016 година, а ако, како што се очекува, до крајот на оваа година добие согласност од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, новиот систем би можело да стапи во сила од 2021 година.

Европскиот совет наведува дека ЕТИАС ќе овозможи претходни проверки и, доколку е потребно, ќе им одбие дозвола на државјани на трети земји што патуваат во Шенген-зоната.

Ова ќе помогне да се подобри внатрешната безбедност, да се спречи илегалната имиграција, да се заштити јавното здравје и да се намали доцнењето на границите со идентификување на лицата што може да претставуваат ризик во некои од овие области, пред тие да пристигнат на надворешните граници“, додаде Европскиот совет.

Дозволата ќе важи три години

Се нагласува дека патната дозвола ќе важи три години или до истекот на важноста на патната исправа во времето на пријавата.

Информациите доставени во секоја апликација ќе се обработат автоматски преку соодветните бази на податоци на Европската Унија и Интерпол, за да се утврди дали постојат основи за одбивање на дозвола за патување. Ако не се откријат елементи што бараат понатамошна анализа, дозволата ќе биде издадена автоматски и брзо. Се очекува дека ова ќе биде случај со повеќето апликации“, се вели во соопштението на Европскиот совет.

Во случај на какви било сомнежи, работата на апликацијата ќе се префрли на рачна обработка од националните служби на земјите-членки.

Во овој случај, за одбивање или одобрување патна дозвола ќе бидат потребни најмногу 96 часа од поднесувањето на пријавата.

Заштита на надворешните граници на Унијата

Во Бугарија, која претседава со ЕУ, велат дека со потврдата од амбасадорите на земјите-членки е направен уште еден чекор во заштитата на надворешните граници на ЕУ.

Договорот е уште еден важен чекор во заштитата на надворешните граници на ЕУ. Ако знаеме кој доаѓа во ЕУ пред да стигне до граница, ќе бидеме во состојба поефикасно да ги запреме оние што може да претставуваат закана за нашите граѓани“, рече министерот Радев.

Во Брисел велат дека следните чекори подразбираат новата уредба да се достави до Европскиот парламент на гласање, а потоа и до Европскиот совет на усвојување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.