Балканот – колонија на западот

Во минатата колумна потенцирав дека по референдумот во Грција, пред Ципрас сите опции се отворени и дека не постои механизам Грција да биде истерана ниту од еврозоната, а уште помалку од ЕУ, ако не ги врати парите на кредиторите.

Но, познати се поговорките: „Власите на крајот на Дунав се дават“ и „Како што сам ќе си сториш никој друг не може да ти стори“. Ципрас го разреши министерот за финансии Варуфакис, кој беше стратег во борбата против тројката кредитори „фашисти“ како што ги квалификува, а потоа ги капитулира. Такви ситуации има многу во историјата на Балканот – народот се бори, а водачите го закопуваат. Истото во меѓувреме го направи и српскиот премиер Вучиќ со одењето во Сребреница. Таму пред 20 години беа убиени поголем број муслимани, но во Босна има и масовни масакри на Срби во таа војна. Така што злосторствата се дело и на српската, и на босанската и на хрватската заедница. Затоа и Русија стави вето во Советот за безбедност на едностраната резолуција на Велика Бритинија, а по молба упатена до Путин од српскиот претседател Николиќ. Рускиот амбасадор во Босна не отиде на комеморацијата, а Вучиќ го навреди принципиелниот став и на својот претседател и на Русија. За разрешување на ситуацијата потребно е помирување меѓу сите учесници во тогашниот конфликт и почит за сите жртви. А во однос на вината и извинувањето за Сребреница тоа мораше да го направат прво западните држави, кои намерно не го спречија тамошниот масакр.

Ги спомнувам Ципрас и Вучиќ затоа што денес на потег е македонскиот премиер Груевски. Против Македонија како и против Србија се води необјавена војна. Целта е од Србија да се одземат Прешевската долина, Санџак, Војводина и да биде уништена Република Српска во Босна. Односно Србија да се врати во границите на некогашниот Белградски пашалак. Целта во однос на Македонија е иста – федерализација на државата и нејзино уништување, а со тоа и уништување на македонскиот идентитет. Ако се вратиме на поговорките од почетокот Ципрас и Вучиќ не се Власи, но се удавија тогаш кога успехот беше пред нив. Груевски за девет години прокоцка одлични шанси да расчисти со петтоколонашите, шпиони и предавници кои отворено работат против македонската држава и нашите национални интереси. Македонскиот народ во овие години му даваше поддршка на Груевски но, тој не ја користеше како што треба.

Македоското име и идентитет се ставени на директен и индиректен удар. Организаторите и на едниот и на другиот напад се исти – Вашингтон и Брисел. Пред неколку дена во Дубровник генералниот секретар на НАТО Столтенберг кажа:

„Прво името, па потоа влез во НАТО“.

Истото го кажа вчера и Нуланд на малку поинаков начин:

„Прво решение на политичката криза, потоа името“.

За Нуланд светските новинари, како Роберт Пери, велат дека создава војни во светот за да го турка „семејниот бизнис“. Нејзиниот сопруг има фирма за оружје, а неговиот брат и сопругата работат во воени центри. Уште минатата година Нуланд ни нудеше помош „за решавање на прашањето со името“. Суштината на таа помош ќе се сфати ако се потсетиме дека нејзиниот свекор е експерт за античка Грција и грчки лобист.

Договорот од 2-ри јуни, за кој денес притисок прават Хан и европската тројка Вајгел, Ховит и Кукан во голем дел одговара на поговорката „Како што сам ќе си сториш…“ . Од една страна тој дава можност за отценување на македонската влада и премиерот, а од друга го отвара патот за официјална федерализација на Македонија. Од трета страна ја урива македонската државност и не’ прави протекторат слично на Србија и Грција.

Наместо да се бори против петоколонашите со сите законски мерки познати во сите демократски земји Груевски е спремен да се повлече од премиерската функција. Во четврток ќе падне пресуда за Верушевски за незаконско поседување на пиштол. Замислете за пиштол, а не за шпионажа. Судијата за делото против Заев пак бил на одмор. Такви циркуси се одвратни. Се чудам како нема некој храбар човек во таа наша Македонија да ги стави каде што им е местото и заевци, и соросоиди па и странци како Нуланд, Хан, Бејли, Вајгел, Ховит и сите други европски анонимуси кои сакаат да не направат идна колонија. До кога со тој страв, лицемерие, смешкање и зборови за пријателство со тие кои ни го копаат гробот?

Каква логичка врска има политичката криза со Рамковниот договор од 2001 и меѓуетничките односи кои се ставени во точка 4 од Договорот од 2 јуни? Целта на ДУИ и ДПА е јасна. Под флоскулата „да се обезбеди целосно спроведување на Охридскиот договор“ тие отворено бараат одвоен државен буџет, ротација на високите државни функции и прогласување на албанскиот јазик за официјален јазик на целата територија на Македонија. Зошто македонската влада дозволува текстови кои раѓаат нови претензии?

Каква логичка врска со политичката криза имаат односите на Македонија со соседите па во истата точка е запишано „да се зајакнат добрососедските односи“? Добрососедство со Грција и Бугарија кои не го признаваат македонскиот јазик и идентитет? Добрососедство со Косово кое ни праќа терористи и со тоа директно ја загрозува државната безбедност?

„Зошто во договорот од 2 јуни се обврзуваме да ги спроведеме „сите препораки што ќе бидат подготвени од страна на Европската комисија“?

И уште: „Сите препораки на ОБСЕ“.

На тоа ОБСЕ кое има претставништво во Скопје, а не во Република Македонија. Односно уште со сопственото именување го негира нашето име и идентитет. На тоа ОБСЕ ние му благодариме за досегашната „поддршка“. Всушност на ОБСЕ треба да му благодарат албанските терористи кои беа извлечени и спасени од таа организација во Арачиново во 2001. Што занчи да ги спроведеме „сите препораки“? Ако утре побараат доброволно да изгинеме ќе го направиме ли тоа? Резултатот на паушалната согласност со се’ го видовме во извештајот на Прибе каде директно пишува дека Државната безбедност (УБК) ја прислушувала владата во корист на самата влада. Наместо да побараме медицинска експертиза за Прибе ние ги прифативме неговите заклучоци, зашто сме се обврзале да го почитуваме секој идиотизам од Европската комисија.

Денес на Балканот официјално постојат 11 држави и еден протекторат Косово. Но, во сите свои дејствија со исклучок на Турција (која има само 3% од Балканот) тие држави независно дали се, или не се, во ЕУ и НАТО, покажуваат дека им недостасува и воља и капацитет да бидат повеќе од експериментални глувчиња на Западот. Ако некоја од нив за момент се побуни како Грција доаѓаат светските „газди“ кои поучно и велат дека немало бесплатен ручек. Тоа е невидено лицемерие зашто повеќе од три века сите тие САД, Велика Британија, Германија, Франција си обезбедуваат бесплатни ручеци и вечери на штета на населението на Балканот, Азија, Африка, Латинска Америка преку колонијализмот и неоколонијализмот. А денес преку наводната демократија во Ирак, Авганистан, Либија, Египет.