сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 3

Бамја – необичен, но ценет зеленчук

bamja-590x400

Поврзани вести

Бамјата била одгледувана уште од страна на античките народи на Блискиот Исток, од каде што е пренесена на Балканот, Западна Европа и во САД.

Кај сите словенски народи, единственото име на овој вид зеленчук е бамја, и е со арапско потекло, а се смета за типичен ориентален зеленчук. Најмногу се одгледува во Турција, Бугарија, Грција, Македонија, а од поранешните југословенски простори, застапена е во Босна, односно во Херцеговина. Во поголемиот дел од Македонија (централниот и источниот), бамјата има долга традиција на одгледување. Сепак, во споредба со другите зеленчуци, не е доволно застапена во исхраната. Гурманите ја сметаат за деликатес и за специјалитет. Нејзините необични плодови имаат пријатен, необичен вкус и мирис. Се користат свежи или исушени за подготовка на различни јадења (особено за македонскиот специјалитет турлитава), а може да се замрзнат, да се исушат или да се конзервираат во сол или во киселина. Како замена за кафе, може да послужат зрелите семиња, кои се исушени, а потоа се печат и се мелат. Во народната медицина од листовите и од стеблата се прават лековити напитоци против пролив и за намалување на шеќерот во крвта.

bamja-1

Бамјата е едногодишно растение од фамилијата малвацeae, односно фамилија слезови. Таа може да израсне во височина и до 2,5 м. Најубава е кога во пазувите на листовите се отвораат мноштво големи, жолто-бели цветови. Тие траат само еден ден, но веќе следниот ден се отвораат нови. Поради декоративноста, се одгледува и во саксии. Бамјата е една од најтопло­љубивите градинар­ски култури. Почнува да поникнува на температура од 15 Целзиусови степени, а оптималната е 25 Целзиусови степени. Активната вегетација е при температура меѓу 26 Целзиусови степени и 28 Целзиусови степени. Исклучиво е светлољубива и е припадничка на групата растенија на долгиот ден.

За исхрана се користат младите плодови (стари од три до пет дена), додека се нежни и сочни. Се берат често, бидејќи во спротивно прераснуваат и огрубуваат. При бербата, се одвојуваат од стеблото заедно со дршката и со чашкините листови. Плодовите, па и целото растение, се прекриени со влакненца. Се берат секој ден или секој втор ден, бидејќи плодовите брзо растат и го губат квалитетот. Не поднесуваат подолг транспорт и чување.

Во кулинарството, бамјата е ценета поради содржината на слузни, нискокалорични материи, кои одлично ги згуснуваат чорбите и сосовите. Од свежите плодови се прават каши, супи, турлитава, ѓувеч, мусака и разни други јадења. Таа одлично се вклопува со разни видови месо. Притоа, плодовите не се лупат, само се отстрануваат дршките и чашкините листови и добро се мијат. Ако се големи, се преполовуваат во пречник или надолжно.

bamja-2

За произведените и за потрошените количества, кај нас не може да се добијат податоци. Се проценува дека бамјата во најголем дел се користи свежа во домаќинствата и во конзервната индустрија, а еден мал дел се суши или се замрзнува. Сушењето обично се изведува двофазно. Прво се потсушуваат на чисто платно, а потоа се нижат во низи и се досушуваат под сенка, на место каде што има провев, при што се сортираат по големина за добар изглед. Исушените плодови два до три часа пред користењето се потопуваат во топла вода, во која се додава и малку сок од лимон. Вака подготвени, нема да се распаднат за време на готвењето.

Хемискиот состав на бамјата е многу сличен на боранијата. Има малку поголема хранлива и енергетска вредност, повеќе сува материја, протеини, витамини и калиум, а помалку натриум и железо. Таа, исто така, содржи значајни количини на магнезиум, бакар, цинк, манган, ванадиум, сулфур и силициум. Карактеристичниот мирис и вкус доаѓаат од слузните материи и од етеричните масла. Поради високиот процент на целулоза, пектин, благотворно дејствува на органите за варење, и се препорачува за луѓето што страдаат од гастритис, чир и од воспаление на цревата. Покрај тоа, го поттикнува отстранувањето на отровите од телото, а ѝ се припишуваат и афродизијачки својства.

Најчитани вести