Свет

Бан: Злосторствата во име на религијата, се злосторства против религијата

Бан: Злосторствата во име на религијата, се злосторства против религијата

Злосторствата извршени во името на некоја религија, всушност се злосторства против неа, изјави денеска Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун пред учесниците на Петтиот конгрес на лидерите на светските и традиционални религии, пренесува МИА, повикувајќи се на ТАСС.

– Сите злосторства извршени во името на религијата, всушност се злосторства против религијата, изјави Генералниот секретар на ОН.

Најјасно се издвојува денеска екстремистичката активност на организациите како „Исламска држава“, „Боко Харам“, милициите „Аш Шабаб“ и Ал Каеда, како и други секти и терористички групи, истакна тој.

– Насилството сепак не доаѓа од религијата, религијата не убива луѓе. Станува збор за луѓе, одделни личности што одлучиле да користат насилство и неправилно и цинично ја користат верата за сопствени цели, изјави Бан Ки-мун.

Генералниот секретар на ОН нагласи дека религиозните водачи носат одговорност за дејствијата на своите следбеници. Во тој контекст, Бан го истакна значењето на договорените напори, кои треба да ги преземат владите, религиозните заедници, граѓанското општество и медиумите, против користење на религиите за сопствени цели од страна на разни групи.

Бан Ки-мун изрази ветување дека ќе претстави во септември, на 70-годишнината на Генералното собрание на ОН, план за превентивни дејствија против религиозен екстремизам.