Банда од Србија, уапсена во Франција

Француската полиција приведе осум лица од Србија и едно од Босна и Херцеговина поради кражба, известија француските медиуми.

Во рамките на истрагата во регионот на Париз минатата недела се приведени деветмина, кај кои е најдено повеќе од еден килограм злато и речиси 2.000 чифта очила, наведуваат извори блиски на истрагата.

Француските медиуми јавуваат дека во притвор биле шест лица, кои се обвинети дека од ноември 2012 година до јануари 2014 извршиле вкупно 33 „организирани кражби“ од кои 23 во оптики ширум Франција.

Повикувајќи се на извор близок на истрагата, „Нувел републик“, го опишува начинот на кој членовите на бандата дејствувале, најпрво од автомобил неколку дена ја набљудувале метата, понекогаш се претставувале како купувачи, а потоа ги ограбувале продавниците.

„Ограбената роба со возила или со автобус ја носеле во Србија,“ наведува изворот.

„Нувел републик“ додава дека осомничените во Франција примале и социјална помош.