Банка избрка вработени бидејќи имитирале егзекуција на ИД

Банка избрка вработени бидејќи имитирале егзекуција на ИД

Британската банка ХСБС избрка шестмина свои вработени затоа што, во денот што им е одреден за заеднички активности за сплотување на персоналот, пред камера одиграле симулација на џихадистичка екзекуција, информира портпаролот на банката, цитиран од француските медиуми.

На видеото се гледаат вработените на банката со маски на лицата, од кои едниот држи закачалка, преправајќи се дека е нож, забележува весникот „Дејли телеграф“, пренесува МИА.

Пред нив на колена е клекнат нивни колега во портокалова облека. Еден од маскираните мажи вика „Алах акбар“, како што прават екстремистите на Исламска држава, пред да ги егзекутираат своите жртви.

– Донесовме одлука да ги избркаме овие вработени. Тоа е одвратно видео и ХСБС сака да им се извини на сите кои може се почувствувале навредени, рече портпаролот на банката.

Вработените во ХСБС видеото го снимиле за време на „тимбилдинг“ во картинг центар во Бирмингам и го објавиле на Инстаграм, пишува британскиот весник „Сан“, кој клипот го стави и на својот сајт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.