Банкарскиот сектор мора да се окрупни, експертите согласни

Окрупнување на банкарскиот сектор мора да има. Дел од помалите банки со години имаат проблеми. Единственото решение за нив ќе биде да се продадат. Место во Македонија за 15 банки нема. Оваа изјава на гувернерот на Народната банка, Димитар Богов дадена неодамна, ја потврдуваат и експертите. За професорот Томе Неновски спојувањето на Поштенска и Еуростандард Банката и најавеното припојување на најголемата штедилница БС со Капитал Банката е логична последица по пораките на гувернерот, објави Канал 5.

Но, сето тоа вели Неновски, не значи дека нема простор за уште некое окрупнување на банкарскиот систем бидејќи постојат уште две – три банки кои тешко ќе ја издржат силната конкуренција која веќе се воспостави во овој сектор.

– Сега имаме едно купче од 15 тина банки добро капитализирани дури би рекол и натпросечно капитализирани со најава за натамошно окрупнување затоа што веќе чувме една најава дека најголемата Штедилница БС се припојува кон Капитал банка со тоа што добиваме една Капитал банка со силен капитал која ќе се придвижи во конкурентската битка со останатите банки. Но сето тоа не значи дека нема простор за уште мало некое окрупнување на банкарскиот систем кое се очекува дека ќе се случи во наредните неколку години, затоа што мислам дека има две три банки кои што тешко ќе ја издржат силната конкуренција која веќе се воспостави сега. Имаше некакви најави па ќе видиме како тоа во следниот период ќе се оствари.

Очекувам дека во следните неколку години ќе дојде до некое ниво на банки околу 12 до 14 банки што би било мала големина на банки во просек една банка на 150 илјади луѓе што вообичаено се смета за некој генерален стандард.

Канал 5 веќе објави за припојувањето на штедилницата Мак БС со Капитал Банка, а за него интерес покажа и тајванска компанија. Тајванската компанија во овој проект има намера да инвестира 20 милиони евра. Заедно со оние 15 милиони евра колку што беше најавено спојувањето на штедилницата и банката, ќе значи вкупно 35 милиони евра пари наменети за поддршка на земјоделството и извозните компании. Според Неновски, од окрупнувањето на банкарскиот сектор корист ќе имаат и граѓаните.

– Граѓаните можат само да почувствуваат користа од конкурентската битка која ќе се развива меѓу банките во тој период кога ќе се окрупнат, тие сигурно ќе бараат начин како да привлечат поголем број на депоненти, што впрочем се случува во овој период, меѓу банките постои силна конкурентска битка, играат со нивото на камати, стапки активни или пасивни итн.

Покрај инвестицијата од 15 милиони евра со фокус на земјоделците и поддршка на извозот, Мак БС и Капитал Банка најавија на стартот вработување за 150 високо образовани лица, а подоцна нивната бројка да се зголеми на 250. Ставот е дека нивното спојување ќе го раздвижи македонскиот банкарски сектор со понудата на производи и услуги кои ќе влијаат позитивно на стопанството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.