Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен, депозитниот потенцијал на банките расте

Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен. Депозитниот потенцијал на банките е 4,7 милиони евра и тој постојано расте. Растот во септември на годишно ниво изнесува 6 проценти, но сепак е штедните влогови особено на населението се намалени под влијание на двата шока годинава од политички аспект.

Ова беше истакнато денеска по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, кое 17 години го одбележува Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, пренесува МИА.

Светскиот ден на штедење во Република Македонија се одбележува од 1999 година.

Ставрески: Штедењето е клучниот столб на стабилноста на финансискиот систем

На настанот присуствуваше и заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии, Зоран Ставрески, кој нагласи дека штедењето е клучниот столб на стабилноста на финансискиот систем.

Штедењето е клучниот столб на стабилноста на финансискиот систем и сите ние заедно Владата, Народна банка и банкарите сме задолжени да одржуваме услови кои ќе овозможат штедењето да расте и стабилноста и сигурноста во штедењето на граѓаните да се зголемува од година во година. Тоа може да се случи само ако секој во својот дел одржува добри услови, порача Ставрески.

Тој додаде дека растот на депозитниот потенцијал е 6 проценти на годишно ниво и дека кај компаниите тој раст е речиси 7 проценти, што потврдува дека корпоративниот сектор финансиски добро стои.

Според него, добро е што кај денарските депозити има констатно поголем раст кој изнесува 8,5 проценти. Како што рече, тоа укажува дека е голема сигурноста и стабилноста и довербата во домашната валута независно од сите политички случувања и оти граѓаните искажуваат висок степен на доверба во домашната валута.

Денарските депозити, според податоците што ги презентира изнесуваат 56 проценти од вкупните депозити и во овој дел Македонија е добар пример во регионот и целокупното окружување имајќи ги предвид состојбите во европската економија и случувањата во Грција, што, како што посочи Ставрески, покажува дека заеднички со прудентни политики и координирани активности на сите чинители може да се постигнат добри резултати.

Ставрески потенцира дека банките имаат константно подобрување на капцитетот на состојбите во делот на прибирање на депозитите и пласирање на средствата.

Тоа е и одговорност на менаџментот на банките прибраните заштеди да ги претворат во инвестиции и на тој начин да се зголеми нивото на кредитирање што е клучно за развој на економијата, рече тој.

Во неговото излагање рече дека кредитите бележат раст од 9,1 проценти, при што кај населението тој процент е 12,7, а кај претпријатијата 6,8 отсто, а се очекува да има постабилен период во иднина и да се продолжи со добрите тенденции на привлекување на уште повеќе депозити.

Богов: Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов посочи дека банкарскиот сектор ја задржа стабилноста, но се случија два шока кои влијае на довербата што се гледа во податоците.

Македонските граѓани имаат традиција и навика на штедење и штедењето постојано расте. Така има раст од пет проценти во септември споредено со лани. Тоа е солиден пораст, но ако споредиме колку беше во септември минатата година ќе видиме дека тогаш растеше со 8 проценти. Ако споредиме со декември минатата година ќе видиме дека новиот пораст оваа година изнесува 3,6 милијарди денари, што можеби изгледа високо, но во првите девет месеци од минатата година изнесуваше 10 милијарди. Значи, има еден дел кој недостасува и тоа штедење не исчезнало туку е кај граѓаните и недостасува во банкарскито сектор, истакна Богов и ги повика банките да се обидат да го вратат тоа штедење во банкарските канали.

Истакна дека во последните години се забележува побрз раст на долгорочните депозити особено во денари, што според него, е охрабрувачки и покажува висока доверба и во банкарскиот сектор и во домашната валута.

Претседателот на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија Ѓорги Јанчоски истакна дека довербата во банките се зголемува, но оти и банките нудат интересни продукти кои ги користат и претпријата и граѓаните.

Потенцира дека мерката на Народната банка за намалување на задолжителната резерва придонесе банките повеќе да се фокусираат кон долгорочни денарски депозити  и да даваат и повисоки камати.

Според него не се очекува скоро да дојде до некој тренд на зголемување на каматните стапки кај штедењето.

Истакна дека банките не престанале со кредитирање добри проекти кои мислат дека се сигурни и оти капиталот оди таму каде што има принос.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.