Банката на БРИКС е отворена за нови членови, но членството на Грција се уште не се разгледува

Банката за развој на земјите од групата БРИКС, каде влегуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Република Јужна Африка, е отворена за нови членови, но додека договорот не биде ратификуван од сите земји во групата и додека не биде формиран управен совет не може да се разгледуваат прашања за членство, изјави денеска во Тбилиси рускиот заменик министер за финансии Сергеј Сторчак, објави МИА.

Претходно во грчките медиуми се појави информација дека за време на разговорите меѓу руски и грчки претставници станало збор за можно учество на Грција во банката на БРИКС.

– Тоа прашање не се разгледува, бидејќи банката е создадена врз принципот дека нејзиниот почеток го поставуваат земјите основачки, а потоа управниот совет добива можност да разгледува барања на други кандидати за пристапување кон институцијата, изјави Сторчак.

Заменикот министер, исто така, изрази незадоволство на Русија од загубите со кои Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ја заврши 2014 година. Според него еден од факторите за тоа е замрзнувањето на операциите на банката во Русија.

Земјата не очекува продолжување на руските активности на ЕБРД во блиска иднина, но и не планира да ја запре работата во банката, истакна Сторчак на маргините на годишното собрание на банката во Тбилиси