Банките најавија повеќе кредити!

Банките ги направија пресметките. Најавија нето-олеснување на вкупните кредитни услови за компаниите, во услови на зголемена побарувачка. Повеќе пари се очекува да пласираат и кај населението и тоа по уште поповолни услови. И годинава продолжува трендот, граѓаните сè повеќе користат кредити од комерцијалните банки, пренесува Лидер.

Компаниите можат да сметаат на повеќе пари

2016 година финишираше со олеснети услови за кредитирање на компаниите – тоа го потврдуваат 1/3 од банките во земјава. Очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи и тоа за сите типови корпоративни кредити.

-Според согледувањата на банките за конкретните кредитни услови, оценетото нето-олеснување на кредитните услови во последниот квартал е збирен ефект од позитивните поместувања кај сите индивидуални услови за одобрување корпоративни кредити. Притоа, позначително нето-олеснување и натаму се забележува кај каматната стапка и некаматните приходи, но посилно во споредба со претходната анкета. Дополнително позитивно поместување се забележува кај условите поврзани со барањето за обезбедување и достасување на заемите наспроти претходните оценки за непроменетост на овие кредитни услови, стои во последната анкета за кредитната активност на Народната банка.

Стопанството има потреба од свеж капитал

Конкуренцијата и ликвидноста – ова се  двата клучни фактори кои го одредуваат одобрувањето на корпоративни кредити. Иако многумина се надеваа дека комерцијалните банки ќе го следат сигналот од НБРМ, кога каматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и се позиционираше на 3,5%, сепак, дури 86% од банките сметаат дека промените во монетарната политика имаат незначително влијание врз кредитните одлуки.

Банките имаат доволно пари, очекуваат првиот квартал од годинава да заврши со зголемен раст на побарувачката, но тоа ќе зависи од движењата во реалниот сектор. Македонските компании се исправени пред два предизвика: првиот е случувањата на домашната политичка сцена, вториот е потребата од пари и недоволната ликвидност.

-За оваа 2017 година нашите предвидувања се дека ќе имаме раст на БДП од 3%. Сепак, постојат одредени предизвици, ризици кои секако треба да се антиципираат, тука пред сè мислам на разрешувањето на политичката криза во земјава, вели извршниот директор во ССК, Митко Алексов.

Се очекува дека разрешницата на политичката криза ќе придонесе за поголема предвидливост на деловните текови, за подготвеност за вложувања и преземање ризици, за што ќе биде потребно зголемено финансирање од страна на банките.

-Потребна е финансиска инјекција за ублажување на неликвидноста која што е рак рана на македонската економија во последните дваесетина години, вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

-Треба да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за стимулирање на извозно – ориентираните компании, како и да се зголемат финансиските средства за компаниите кои се управувани од жени – менаџери, посочува претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Статистиката на банките покажува дека домашните компании бараат најмногу пари за преструктурирање на долгот, за инвестиции во залихи и обртен капитал, за инвестициите во основни средства.

Има и други начини да се прибере капитал

Приватниот сектор во Македонија премногу се потпира врз банкарскиот сектор, потребно е да се подигне свеста дека пазарот на капитал може да се придонесе за побрз раст на компаниите.

-Едно од излезните решенија е дел од овие компании и нивните сопственици, да соберат малку повеќе храброст, да се трансформираат во акционерски друштва, да излезат на примарниот пазар на капитал и директно на инвеститорите да им ја понудат својата бизнис – приказна. Тоа е начинот на кој може да го зголемат својот капитал, нивната апсорбциона моќ за кредити од банките ќе се зголеми и со тоа ќе се овозможи зголемување на искористеноста на слободниот потенцијал во банките, вели Тони Стојановски, Генерален директор за управување со ризици и член на УО на Стопанска банка – Скопје.

Нема зима за населението – се бараат повеќе кредити

Олеснети услови за потрошувачки кредити, непроменети кај станбените – вака може да се сублимира ставот на македонските банки.

-Кај каматната стапка на кредитите наменети за населението и понатаму се забележува нето-олеснување, значително посилно кај потрошувачките кредити во споредба со претходната анкета. Кај провизиите и некаматните приходи кај станбените, односно потрошувачките кредити и понатаму се забележува нето-олеснување, но поголемо во споредба со претходната анкета. Останатите кредитни услови во овој период главно се задржани непроменети и кај двата типа кредити, покажува анкетата.

Главен движечки фактор при политиката за кредитирање на населението е конкуренцијата меѓу банките, што влијае стимулативно на пазарот. Во првиот квартал од 2017 година се очекува зголемена побарувачка и на станбени и на потрошувачки кредити.

Инаку, кредитната задолженост на граѓаните кај банките е над 2 милијарди евра, оние со повисоки плати се и поголеми должници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.