среда, 26 јули 2017  |  Вести денес: 0

Банките стабилни, може да се фокусираат на кредитирање на компаниите

minovski-2

Последни вести

Mинистерот за финансии, Кирил Миновски денеска порача банките да го интензивираат процесот на инвестирање во корпоративниот сектор затоа што се доволно стабилни и ликвидни.

– Имаме доволна стабилност и ликвидност во банкарскиот сектор, а инвестициите придонесуваат за економскиот раст, истакна Миновски по денешната редовна седница на Комитетот за финансиска стабилност во Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Според него, Министерството за финансии преку ребалансот на Буџетот успеа да обезбеди доволно средства за капитални ивестиции, а еврообврзницата е успешно издадена што значи дека банките може да се фокусираат на кредитирање на компаниите кои придонесуваат позитивно за економскиот раст.

– Политичката криза имаше извесен ефект, дојде до попрудентно однесување на банките, воведена беше порестриктивна политика во однос на кредитирањето на корпоративнот сектор и до повоздржано однесување на инвеститрите, но сега имаме доволно стабилност и ликвидност во банкарскиот сектор, потенцира Миновски.

И оценката на Комитетот која ја пренесе гувернерот Димитар Богов е дека банкарскиот систем помина низ реален стрес-тест при што покажа висока отпорност на шокови.

На новинарски прашања во врска со еврообврзницата, министерот Миновски децидно одговори дека имаше потреба од нејзино издавање. Купена е од инвеститори главно од ЕУ и САД, а средствата, како што рече, се очекува да легнат во наредните денови. Парите ќе бидат употребени за буџетски потреби за 2016 и 2017 година.

– Нашата интенција е дефицитот да се покрие што е можно повеќе со извори на средства од меѓународниот финансиски капитал. Целта е да се остават повеќе средства кај банките во домашната економија, кои би ги искористиле за кредитирање зашто нашата основна цел е да го развиеме приватниот сектор. Ако имаме поразвиен приватен сектор значи имаме подобра даночна основа, објасни министерот.

Според него, добра адреса за поставување на прашањата во врска со висината на каматната стапка за еврообврзницата е поранешниот дополнителен министер Кире Наумов.

– Ако не беа писмата на опозицијата, каматната стапка ќе беше многу пониска, истакна Миновски.

За издавањето на еврообврзницата, гувернерот Богов рече дека за тоа одлучува Министерството за финансии. Тоа ги следи состојбите и ги планира задолжувањата.

– Народната банка и Министерството за финансии разговараат отворено за сите прашања, но Народната банка не е институција која може да го оценува тоа. НБРМ ја води монетарната политика и соодветно ја усогласува на фискалната политика, прецизира Богов.

Одговорајќи на новинарско прашање Богов информира дека стапката на економски раст веројатно ќе се движи меѓу мајската проекција од 3,5 проценти и, како што рече, песимистичката од 1,6 отсто. Но, се уште е рано да се каже и многу зависи од целосното стабилизирање на политичката состојба во земјата.

На денешната редовна седница на Комитетот за финансиска стабилност беше разгледана и најновата регулатива околу банкарскиот сектор во ЕУ, односно измените на Законот за банки и неговото прилагодување за зголемување на отпорноста и сигурноста на банкарскиот сектор во однос на надворешни шокови како што беше светската криза.

Најчитани вести