Балкан

Банкротот на Грција ќе има ефект и на другите земји во ЕУ

Банкротот на Грција ќе има ефект и на другите земји во ЕУ

Состојбата во Грција е загрижувачка, а нејзиниот банкрот може да има ефект на ширење на зараза на останатите членки на еврозоната, тврди членот на Управниот одбор на советот на Европската централна банка Клас Кнот.

– Ако се продолжи со одлив на депозитите, веќе разнишаната ликвидност на грчките банки ќе се влоши – напиша Кнот во полугодишниот извештај на ЕЦБ за финансиската стабилност во еврозоната, а јави њујоршката агенција Блумберг.

И поранешниот претседател на Европската комисија (ЕК) Жозе Мануел Баросо смета дека ризиците Грција да ја напушти еврозоната се повисоки сега во споредба со почетокот на должничката криза.

Според него постои ризик Атина да не успее да постигне договор со доверителите за време на тековните дебати во врска со потребните реформи за отклучување на дополнителната финансиска поддршка.

Ова ќе го зголеми ризикот да ја однесе земјата во неликвидност или дури и до заминување од еврозоната.

– На грчката влада и недостасува искуство, но политичарите мора да разберат дека треба да ги почитуваат правилата на еврозоната. Истовремено другите 18 влади на земјите членки на еврозоната треба да пројават солидарност, бидејќи Грците поминаа низ исклучително тешка ситуација. Треба да биде дозволена одредена флексибилност – рече Баросо за време на форумот во Мадрид.