Теми,Македонија

Банско и годинава хит меѓу македонските скијачи

Банско и годинава хит меѓу македонските скијачи

Банско во Бугарија и оваа година, ќе биде хит дестинација на Македонците за скијање. Се проценува дека, секоја сезона го посетуваат околу три илјади туристи од Македонија. Не е мал бројот и на оние кои имаат и апартмани таму.

Според информациите на туристичките агенции, продажбата на аранжманите оди добро, но се чека повеќе снег. Банско е многу поконкурентен од нашите зимски туристички центри, бидејќи има поголем број на хотели со различен број на ѕвезди во кои се нудат програма и различни содржини, а има и поголем број на скијачки патеки.Во Банско и хотелите со две ѕвезди имаат спа центри.

Сопственикот на туристичка агенција „Пет“, Мартин Петковски вели дека продажбата за Банско годинава оди добро, иако има некое мало покачување на цените за некои хотели кои биле реновирани и заслужуваат повеќе да се плати.Според него, причината зошто Македонците повеќе го преферираат Банско е поради малиот број на хотели во нашите зимски туристички центри и недостатокот на содржини откако ќе заврши скијањето кое вообичаено е до 16 часот. Не земајќи го предвид и ноќното скијање.

„ Од сите зимски туристички центри на Балканот, Банско е најинтересен и најатрактивен поради програмата која нудат самите хотели.А, и скијачките патеки се одлични. Во нашите хотели кои и така се во мал број по завршувањето на скијањето, нема што да се прави. Во Банско има хотели за сечиј џеб,“ вели Петковски и додава дека се уште не може да се каже во колкав број Македонците годинава ќе заминат таму, бидејќи нашите скијачи чекаат повеќе снег.

Огњан Циговски од ски-центарот Заре Лазаревски не смета дека Банско им ги зема скијачите на македонските зимски центри. Според него, викендашите сепак најповеќе заминуваат на Маврово поради близината.

„Маврово не може да се мери со Банско од едноставна причина што планината е поголема, а нејзе не можеме да ја смениме . Сепак не мислам дека Банско ни ги зема скијачите, бидејќи тие таму ќе појдат еднаш или двапати во сезона, а овде доаѓаат секој викенд. Во Маврово има и 1600 викендици така што бројот на викендаши кај нас е поголем,“ вели Циговски.

Директорот на скијачкиот центар „Попова Шапка“, Петре Димитриевски вели дека двата хотели „Славија“ и „Попова Шапка“ кои можат да примаат максимално 400 гости, се полни.

„Што се 400 легла за капацитет на патеките да примаат 1500-2000 скијачи? На Попова Шапка, недостасуваат легла и хотели, а со инвестициите најавувани од ЕЛЕМ таа бројка ќе се зголеми,“ изјави Димитриовски.

Годинава кај нас, и на Пониква се очекуваат голем број туристи бидејќи се поставија топови за вештачки снег на две ски патеки и истите се осветлени со рефлектори. Во тек е изработка и на сноуборд патека. Има неколку добро опремени автентични хотели, а и доста се во изградба и наскоро ќе бидат завршени.

Има планови и за продолжување на една од патеките која моментално изнесува 800метри, но сепак  Пониква засега останува место за рекреација и одмор, и се уште нема да може да ги задоволи апетитите на професионалните скијачи.

Капацитетот на хотелите е 300 гости, но има и доста приватни куќи кои се издаваат по поволни цени.

Како и да е понуда има за секого, но изборот зависи од можностите. Не е мал бројот на Македонците кои заминуваат и во познатите европски скијачки центри во Австрија, Италија и Швајцарија. Понудата за секого е, колку пари толку музика.