Вицепремиерот Владимир Пешевски денеска испрати апел до родителите на средношколците кои протестираат, да побараат од своите деца да престанат со бојкотот бидејќи во крајна линија тие се најголеми губитници во целиот овој процес.
Во Министерството за образование и наука денес беа примени на средба претставници од средношколскиот пленум. Тие ги истакнаа двете свои барања кои се однесуваат на екстерното тестирање и новиот концепт на матурата.
-Како Влада ние сме континуирано посветени на реформите, спремни сме да ги ислушаме иако средношколскиот пленум како организација, реално, не постои сепак тоа не беше доволно јасно артикулирано. Причината зошто ги примаме денес е бидејќи тие се одлучија да се појават пред министерството да постават шатори и поради загриженоста за нивната безбедност, бидејќи не е добро малолетни деца кои најавуваат дека тука ќе останат непрекидно. Ги повикавме, да ги ислушаме барањата. Ние претходно како Влада покажавме флексибилност во однос на новиот концепт на матура, овозможивме математиката да биде изборна за две од трите насоки, што мислевме дека е чекор во вистинска насока. Сите реформи кои ги правиме, се генерално во интерес за подобрување на квалитетот на наставата и она што го добиваат децата, рече Пешевски.
Тој потенцира дека не би сакале децата да бидат изманипулирани и со нив да се служи некој за да добие политички поени. Сепак, барањата на средношколците ќе бидат детално разгледани.
-Сите подготвителни активности, односно сите реформи кои ги спроведуваме се со цел да обезбедиме поквалитетно образование. Никогаш не сакаме ни да размислуваме дека некоја реформа ќе биде на штета на самите ученици и на самиот образовен процес во Македонија, истакна министерот за образование и наука, Абдулаким Адеми.
МОН ги повикува учениците да се вратат на настава, а родителите да работат со своите деца.
Инаку, Владата на Република Македонија преку МОН веќе водеше преговори со легитимниот претставник на средношколците, односно Унијата на средношколци на Република Македонија и го исполни нивното барање математиката да не биде задолжителен, туку алтернативен предмет при полагањето на државна матура.