Бархман: Грција воопшто не е подготвена да разговара

Грција не е подготвена да разговара и го игнорира она што го бараат европските земји – спорот околу името да заврши и Македонија да го продолжи европскиот пат, вели Хајнц-Јоахим Бархман потпретседател на Комисијата за европски прашања во германскиот Бундестаг.

– Многу би ме радувало доколку посетата на Нимиц на Скопје и Атина донесеше нешто ново. Но, моето искуство од разговорите кои ги имав во текот на престојот во Атина со претставници на Владата е дека Грција воопшто не е подготвена да разговара и дека го игнорира она што го бараат европските земји – расправијата околу Македонија да заврши, со што земјата ќе може да го продолжи чекорењето по европскиот пат. Јас не видов никакво раздвижување во Грција, е коментарот на социјалдемократот Бархман за Дојче веле.

По последната посета на Нимиц на Скопје и Атина, запрашан до кога може да егзистираат ваквите „рутински“ посети, од кои Македонија нема голема добивка, Бархман одговара: – Не знам! Но, треба да се има предвид дека Нимиц веќе 20 години го има статусот на специјален ополномоштеник на ОН за решение на името, што е државен проблем. Тој работата ја започна во 1994-тата и според мене 20 години би требало да бидат доволни. Можеби навистина се труди, но главно е дека – нема напредок.

Канцеларката Ангела Меркел на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан во Дубровник, како и по традиционалната средба со акредитираните новинари во Берлин, кажа дека нејзините разговори околу името се доверливи, но подвлече дека „ќе дојде момент кога лично ќе се заложи“. Во врска со тоа, Бархман оценува дека Германија може многу да направи околу расчистување на патот на преговорите.

– Заради тоа, мора да се разговара со Грција. Меркел тука може да помогне. Добро е што имаме ситуација во која сите партии се единствени дека расправата околу Македонија мора да прекине. Значи се’ останува на преговорите. Сакам да кажам дека со притисоци и санкции нема да се случи ништо, оценува Бархман.

Тврдата грчка позиција тој ја објаснува и со примерот на наменски доделените 100 милиони евра од Германија за малите претпријатија и отворање работни места за младите во Грција. Како што вели, многумина, веројатно по ваквата помош, како гест на добра волја би очекувале дека „грчката држава ќе олабави по прашањето околу името“.

– Но, чесно кажано, не гледам никакво поместување, констатира Бархман.

Тој не верува дека Македонија може да ги почне разговорите за пристапување за време на италијанското претседатвање и покрај изјавата на шефицата на италијанската дипломатија Фредерика Могерини дадена за време на неодамнешната посета на Скопје, дека земјата може да смета на поддршката од Рим за започнувањето на преговорите.

– Реално кажано – не верувам. Жалам што сум вака негативен, но секогаш сум реален. Сметам дека е разумно да се оцени до каде се работите и како понатаму. Ова е мое лично искуство. Како што кажав, бев во Грција и не видов ниту еден чекор нанапред“, одговара Бархман.