Барние ги повика Британците сериозно да им пристапат на преговорите за излез од ЕУ

Главниот преговарач на Европската унија за истапувањето на Велика Британија, Мишел Барние, го предупреди во понеделникот Лондон дека нема многу време и дека на преговорите за излегувањето не им пристапил сериозно.

„Да бидам искрен, јас сум загрижен. Времето брзо минува и ние треба да започнеме сериозно да преговараме“, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегизтот, Мипшел Барние пред започнувањето на третиот круг од преговорите кои започна во понеделникот попладнето во седиштето на Европската комисија во Брисел, а ќе трае до четврток.

Барние ѝ порача на британската влада да изнесе јасни и недвосмислени ставови за прашањата за коишто се преговара, со што значително би се забрзале преговорите.

„Колку поскоро бидат отстранети двосмисленостите во британските ставови, толку поскоро ќе можеме да преговараме за идните односи“, рече Барние.

Британската влада претходно во август објави низа ставови за истапувањето од ЕУ, но во Брисел истакнуваат дека во тие документи повеќе се зборува за идните односи, а не за условите за раздружувањето од Европската унија.

Тоа е неприфатливо за ЕУ, чиишто челници се согласија за насоките за преговорите во коишто прво се бара да се договорат клучните услови за раздружувањето, а дури потоа може да следат преговорите за идните односи.

ЕУ постави три предуслова за почеток на преговорите за идните односи. Првиот е дека Велика Британија мора да ги исполни сите свои финансиски обврски кои ги презема како членка за буџетскиот период 104-2020 година, вториот е статусот на државјаните на земјите членки на ЕУ во Велика Британија по нејзиното излегување од блокот, а третиот е граничниот режим меѓу Северна Ирска и Република Ирска, единствената копнена граница меѓу ЕУ и Обединетото Кралство.

Ниту за едно од тие прашања официјален Лондон недвосмислено досега не се изјасни, освен за идниот статус на државјаните од ЕУ, што во Брисел е оценето како недоволно.

Британските медиуми во најавата за третиот круг преговори голем акцент ставија на промената на ставот на британските лабуристи, главната опозициска партија којашто предлага во преодниот период, додека не се договори спогодбата за излегувањето, Велика Британија да остане дел од единствениот пазар и царинската унија.